Од вкупно пристигнати 2.500 барања за трансформација на работниот однос на наставниците досега се одобрени 2040, изјави денес министерот за образование Панче Кралев кој додаде дека процесот се одвива тековно, но станува збор за обемна документација, што одзема доста време. Кралев посочи дека останатите барања не се одобрени поради недостиг на дел од документацијата или затоа што барањето не било проследено во соодветна форма.

Од локалната самоуправа информираат дека до МОН во месец јули испратени биле вкупно  90  барања за трансформација на работниот однос на наставници од општина Охрид. – Засега, повратна информација – колку од нив се одобрени од страна на надлежното министерство до нас не е доставена, изјави Серафим Наумовски од одделението за образование на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид.

Обврската за доставување на барањата до Министерството за образование и наука е на секоја општина, односно општинската комисија составена од претставник од Просветниот инспекторат, локалната самоуправа и синдикатот за образование. Комисијата има обрска да ги разгледа доставените документи од наставниците – копија од диплома, копија од уверение за положен стручен испит, потврда за работно искуство и задолжителна изјава потпишана од директорот дека лицето работи повеќе од две години на работното место и училиштето има трајна потреба од него. Комплетираните документи потоа се испраќаат до надлежната комисија при министерството за образование, кое доколку станува збор за комплетна документација ја доставува до министерот за образование од каде потоа се испраќа во Министерството за финансии.

Согласно законските прописи, секој што има навршено 5 години работен стаж треба да добие трансформација на работното место. Оние со 2 години работно искуство исто така имаат право на трансформација, доколку достават изјава од директорот дека работното место е потребно во рамки на училиштето.

OhridNews