Повеќе од 90 отсто од станбените згради во Охрид не поседуваат противпожарна опрема. Со исклучок во новоизградените комплекси, хидрантите во повеќето влезови се неисправни, а наместо противпожарно црево, во нив можат да се најдат само отпадоци.

Ова е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат охридските пожарникари, кои при интервнции во колективните згради се ограничени само на цистерните кои не се секогаш доволни во гаснењето на поголемите пожари.

При интервенција во станбените објекти, најчесто се соочуваме со недостиг на црева и млазници во оние ормари од хидрантите, каде истите треба да бидат сместени. Во 99 отсто од случаите, не земајќи ги предвид новите згради кај Билјанини Извори како што е таа од АДОРА, се среќаваме со овие недостатоци. Цревата или се украдени или се чуваат во некој подрум, на место каде што не е достапно.“ – вели Горан Маркоски, заменик-командир во Територијалната противпожарната единица Охрид.

Исправна хидрантска мрежа – поефикасна интервенција

Како што објаснува Маркоски, доколку хидрантите во колективните станбените објекти би биле функционални, толку  поефикасна би била интервенцијата на противпожарните екипи.

Нас ни треба повеќе време за да развиеме линија од самите возила и да стигнеме до катот на кој е пожарот или местото на интервенција. Најчесто хидрантските мрежи се неисправни, извадени се стабилните спојки и шиберите за пуштање вода. Сигурно дека интервенциите би биле побрзи и поефикасни, доколку на секој кат има исправен хидрант.“ – објаснува Маркоски.

Проблем во „викенд-зградите“

Во Охрид речиси нема зграда во која нема сопственици на викенд-станови кои најчесто не се тука. Како што реагираат граѓаните, нефункционирање на Куќните совети во дел од колективните станбени згради е проблем поради кој не се води грижа кон овој недостаток.

Хидрантите уште кога се вселувавме во зградата пред 20 години не беа функционални. Немаше ниту црево, ниту шибери. Најчесто се полни со отпадоци и пикавци. Но проблем е тоа што не функционираат куќните совети. Повеќето станари не се оттука, па не можеме ниту да се договориме за некои основни проблеми. Поради лошите навики на поединци, немаме ниту осветлување во влезот, а камоли да зборуваме за хидрантска мрежа.“ – велат станари од зграда во населбата „Билјанини Извори“.

Водата од хидрантите бесправнo се користи за наводнување

Минатата година од МЈП-Проаква Р.Е.Водовод –Охрид извршија исклучување од системот за водоснабдување на оние корисници и станбени објекти, кои бесправно корисеа вода од хидрантите за наводнување на парковите и зеленилата.

O.T.