На првата седница на Управниот комитет на проектот „ЕУ за општините” со кој претседава министерот за локална самоуправа Горан Милевски беше потврдено дека во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра, соопштија од Министерство за локална самоуправа.

Средствата за реализација на проектите ги обезбедува Европската Унија, а кофинансирањето од 15 проценти го покрива Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Со реализацијата на овие проекти ќе се направи суштинска промена во квалитетот на живеење во овие општини. Министерството за локална самоуправа тргнувајќи од интересот на општините и бенефитот за граѓаните го прифати предизвикот да го обезбеди кофинансирањето од 15 проценти, во што ни помогна Швајцарската агенција за развој и соработка, со што им даваме шанса и на помалите општини кои што самостојно тешко ќе можеа да ги обезбедат овие средства, рече министерот за локална самоуправа Милевски, кој ја истакна и големата корисност од техничката поддршка што ја обезбедува Европската Унија како гаранција за успешно имплементирање на проектите.

Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин забележа дека општините покажале голем интерес, со 58 апликации на јавниот повик.

Ова е голем успех за нас, затоа што во пракса две третини од средствата на ЕУ за поддршка на државите се имплементираат на локално ниво. Колку подобро ќе се организираме толку подобро ќе се одвива процесот на апсорбсија на средствата, а во пракса земјите што се поподготвени за реализација на ЕУ средствата, побрзо се движат во процесот на интеграција во Европската Унија, рече Худелин кој истакна дека ЕУ е најголемиот донатор во земјата и 40 проценти од ИПА буџетот се имплементира во општините.

Претставничката на Секретаријатот за европски прашања Зуица Змејковска, пак, посочи дека поврзувањето на општините со Европската Унија е важно за развој на нови иницијативи како што се и овие проекти кои што се резултат на доследна проценка на потребите на граѓаните.

Според координаторот на програмата „EУ за општините”, Карл Џацинт, постојат можности за финансирање и на нови проекти за подобрување на транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки, за изработка на локални планови за обновливи извори на енергија, а Европската Унија има и многу други програми кои што им стојат на располагање на општините.

OhridNews