Едвај петстотини гледачи дојдоа да го проследат некогаш големото македонско дерби кое во годините наназад нетрпеливо се чекаше и долго потоа се прераскажуваше. Финансиската и резултатската криза која ги тресе најголемите македонски фудбалски брендови, е директниот виновник за слабиот интерес на битолчани и фудбалската јавност за ова дерби. Ништо во саботата во Битола не навестуваше дека под “Тумбе кафе“ се игра дербито за Македонија, Пелистер – Вардар, кое своевремено беше меч за престиж.


Битолчани не задоволни од моменталната позиција на клубот речи си и да не разговараат за македонскиот фудбал, додека пак забраната за патување на гостинските навивачи дополнително ја спласна атмосферата во градот и на стадионот. – Уста не ми се отвара, не ми се вели оти овај меч ова е дерби на дното, некогаш се играше пред полни трибини, одлучуваше титули, а сега погледенете на кое дереџе паднавме. Дали Пелистер и Варадар заслужуваат ваков третман – коментира новинарот Славчо Ристески кој ги следи и ги пренесува мечевите на Пелистер од “Тумбе кафе“.

Покрај искрените љубители на фудбалот кои не го оставаат Пелистер, пристуна на стадионот беше и навивачката група “Чкембари“ која ги бодреше младите фудбалери на Пелистер, притоа не пропуштајќи ја можноста да побараат Управата да го напушти клубот и бродот кој тоне.

На лошиот за игра терен под “Тумбе кафе“ некогаш младинските состави, а сега “силум прилике“ првотимици водеа борба за трите бода и избегнување на фенерот во македонската Прва лига. Подобрата игра во првите 45 минути беше одлучувачка во победата од 2-1 на “црвено-црните“ во дербито на Македонија, прва по три години на Тумбе кафе. “Комитите“ го слават Фахрудин Ѓурѓевиќ кој во 34 и 44 минута ја затресе мрежата на “зелените“.

Победата над Пелистер  е најголемиот подарок што можеше да ми го приредат моите фудбалери. Непосредно пред мечот се договоривме сите другарски да го одиграме овај натпревар, јас си гинам за нив, тие гинат за мене и со сите сили се обидуваме да го покренеме овој Вардар, Јас сум горд на нив.  Оваа победа е голем импулс за овие фудбалери. Со консолидрање на нашите редови и доведувања на неколку засилувања сметам дека на пролет ќе се избориме за опстанок во лигата.  Му посакувам и на Пелистер да се консолидира, бидејќи без Пелистер и без Вардар ова не е таа македонска Прва лига – истакна Горан Тодоровски, стратегот на Вардар.


Битолчани го ублажија поразот преку Талески, има серија прилкии во вториот дел погодија и пречка, но по поразот од директниот конкурент  од последната позиција на табелата можат да очекуваат чудо да ги спаси од испаѓање.  –    Имаме доста проблеми во клубот, мотивот кај играчите е многу низок, ситауцијата е многу тешка и фудбалерите не го дадоа максимумот. Засега не гледам надеж дека може да излеземе од оваа апатија, ќе биде многу тешко, ние заостануваме доста бодови зад конкурентите. Со нетрпение го очекуваме зимскиот период кога ќе ги направиме последните обиди да го консолидираме составот – рече Неџат Хусеин, кој од трибините го водеше мечот против Вардар.

Во Битола одамна е запален алармот,  спортските работници не посакуваат да се повтори сезоната 2002/03 кога  Пелистер како претпоследно пласиран се пресели во понизок ранг.

М.Постоловски