Кошаркарите на АВ Охрид во десеттата рунда од регионалната Втора АБА лига силите ќе ги одмерат со тимот на Крка во Словенија. Долгиот пат до Ново место ќе биде најголемиот противник на охриѓани кои имаа недела дена одмор поради одложениот меч во Првата лига и недоаѓањето на Босна Ројал во рамките од деветтата рунда во Втората АБА лига во Охрид.

– Имавме некој ден плус да се одмориме и да се подготвиме за завршните натпревари од оваа година во Втората АБА лига. Крка е голем фаворит во нашата пресметка, но ние во секој влегуваме со исти мотиви без разлика на противникот. – изјави тренерот на АВ Охрид, Петар Чочороски.

– Се работи за квалитетна екипа која атакува на првите позиции на табелата. Со оглед на позициите на табелата ние во Словенија нема што да изгубиме. – додаде Реми Бери.

„Галебите“ по девет одиграни мечеви имаат една победа и осум порази, а ривалот со кој ќе се сретнат во вторник (19 часот) има седум победи и два порази и се наоѓа на втората позиција на табелата.

Во составот се враќа Стеван Глигоријевиќ кој со заштитна маска на лицето ќе настапи на дуелот со Крка, додека поради повреда нема да настапи Бранко Јанески, а најновото засилување Филип Бакоч ќе почека за своето деби во охридскиот дрес.

OhridNews