Претходно, пред „металците“ оружјето го положија Цедевита и Задар по еднаш и Цибона два пати додека единствениот пораз е токму против поранешната Југопластика во легендарното „Грипе“ во првиот дел од сезоната.
Одличниот шут, особено за три поени, беше главната причина за триумфот на избраниците на тренерот Алеш Пипан во вечерашната пресметка со некогашниот европски шампион. Сино-белите постигнаа 11 тројки од кои дури осум беа во првото полувреме. Најрасположен за стрелба беше Никола Оташевиќ, кој средбата ја заврши со четири погодени удари за три поени од шест обида.
Домаќинот, би се рекло, клучната позитива ја обезбеди во финишот од првото полувреме кога со серија 8-0 првпат дојде до двоцифрена позитива (42-31), која им овозможи порекалсирана игра во продолжението од средбата. Младите кошаркари на Сплит, сепак, се бореа максимално до самиот крај, ја користеа секоја грешка на МЗТ и успеаја целосно да се вратат во игра во 34. минута кога со тројката на Срѓан Суботиќ, а нешто потоа и со едното погодено слободно фрлање на истиот кошаркар дојдоа до минимална позитива од 69-68.
Во последните пет минути се играше кош за кош, ниту една од екипите не успеа да оствари посериозна предност. Сино-белите ја имаа зад себе и поддршката на две илјадната публика, која во клучните моменти не ги штедеше грлата за да им помогне на своите миленици. Резултатската клацкалица продолжи се до последниот звук на сирената, кошаркарите на двете екипи ги одигруваа најсигурните комбинации, а раката им беше смирена речиси од секоја позиција.
Во последната минута се влезе со резултат 79-79 по што следеше огромно промашување на Ѓорѓи Чековски за три поени на 30 секунди пред крајот по што видовме по еден лош удар од двете страни поради што победникот мораше да биде решен по дополнителни пет минути.
Во екстра периодот, сепак, на виделина излезе поголемиот квалитет на МЗТ, чии кошаркари стиснаа заби, го извлекоа секој атом од силите и по првите две минути дојдоа до предност од пет поени (86-81), која им гарантираше помирен финиш. Точка на средбата стави Чековски со тројка за 89-83, која ја крена публика на нозе и речиси ја обезбеди десетата победа на македонскиот претставник во регионалното натпреварување.
Ветеранот Тодор Гечевски беше најголемиот јунак во редовите на „металците“ завршувајќи ја средбата со 19 поени и три скока. Чековски исто така беше на висина на задачата со 16 поени и четири скока, Оташевиќ застана на 15 поени со шест асистенции додека Борис Бакиќ реализира 14 поени.
Следниот јадрански предизвик за МЗТ се вика Црвена звезда, која ќе го пречека тимот од „Јане Сандански“следната недела во Белград.