Член на Управниот одбор на КК Црвена Звезда и негов пријател, како и двајца новинари од Белград се претепани во два оделни инциденти што се случиле синоќа во Задар, каде денеска истоимениот домаќин од 17 часот треба да се сретне со Црвена Звезда, во натпревар од регионалната АБА лига.

Нападите ги осудија двете кошаркарски екипи, а полицијата соопшти дека се приведени две лица поврзани со инцидентите.

АБА лигата најостро го осудува инцидентот во Задар

АБА лигата најостро го осудува секој аспект на насилство и расна, сексуална, верска, национална и секаков друг вид дискриминација, стои во соопштението на регионалната кошаркарска лига.

Воедно, АБА лигата се придружува на апелите на Задар и Црвена ѕвезда до хрватското Министерство за внатрешни работи, со намера што поскоро да се испитаат сите детали за нападот, а организаторите и сторителите на инцидентот да бидат уапсени и кривично гонети во согласност со законите на Република Хрватска, каде што се случиле нападите.

Истовремено, преку комуникација со клубовите и други безбедносни фактори, АБА лигата ќе направи се за натпреварот од 7. коло меѓу Задар и Црвена ѕвезда да помине без ниту еден инцидент и сите уште еднаш да покажеме дека тоа беше изолиран случај, кој фрла сенка на сите постулати на АБА лигата и темелите на кои е основана. Убедени сме дека заедно ќе победиме во оваа борба и дека, исто како и досега, АБА лигата ќе продолжи да поврзува, а не да ги дели луѓето, стои во соопштението на АБА-лигата.

Г.М.