Авторското и издавачкото право мора да се почитува. Веста е интелектуална креација и не е сеедно ако се преземе без наведување на авторот. Ова го оценија учесниците на денешната трибина „Заштита на авторските и издавачките права на вестите и другите прилози на националните новински агенции“ што ја организира МИА во рамките на Генералното собрание на АБНА-ЈИЕ.
– Правото се обидува да ја изрегулира ситуацијата, но не може да го следи брзиот развој на технологиите, па и во оваа област, а во експанзија се и социјалните мрежи и веб-портали, истакна на трибината професорката од Правниот факултет во Скопје Јадранка Дабовиќ Анастасовска на која учествуваа директори и главни уредници на новинските агенции од Балканот, универзитетски професори, експерти и претставници на медиумите.
Таа посочи дека во 2001 година 95 проценти од вестите биле во печатена форма, а само пет во електронска. Денес ситуацијата е целосно променета и соодносот е 75 проценти од вестите се објавуваат преку дигитална технологија, а 25 отсто во печатена форма.
– Решението во нашиот Закон вели дека кратките вести и информации не се авторски дела, што значи дека не подлежат на заштита на авторското право, рече Дабовиќ. Сепак, како што заклучи, кога користиме нешто туѓо треба да се цитира и наведе изворот. Смета дека саморегулацијата, етичките кодекси и почитувањето меѓу колегите дава многу поголем ефект од која било санкција или казна.
Професорот Валентин Пепељуговски од Универзитетот ФОН укажа дека едно од главните прашања е дали може да се има монопол врз информацијата, односно што е прекршување на авторското право на веста. Посочи дека за разлика од САД и Западна Европа заштитата на авторското право во ЈИЕ не е најсоодветно регулирано.
– Не е можно да се има авторско право врз фактите, но не смее да се презема креативниот пристап во нивното создавање. Тоа што не пишува дека е забрането, не значи и дека е дозволено, рече проф. Пепељуговски.
Според генералниот директор на српската национална агенција Танјуг Бранка Џукиќ, проблемот не е во законското регулирање, туку во следењето дали, кој и каде нелегално ги користи производите на агенциите. Наведе примери на големи светски агенции како што е АП која софтверски го решава проблемот преку авторизирање на користењето на своите производи, односно со вметнување код кој помага за следење на нивната продукција.
Нафиса Латиќ, ПР и маркет-менаџер на турската национална новинска агенција Анадолија, рече дека законите во Турција ја регулираат оваа област и секое нелегално користење на вестите и другите агенциски производи се третира како кривично дело. Тоа, како што посочи, довело до намалување на нелегалното користење на нивните вести во Турција од 70 проценти.
Во хрватската новинска агенција ХИНА проблемот со неавторизирано користење на нивните вести засега го решаваат со заштита на нивната база на производи која се нуди за продажба, но, вели Андреја Косец, и во тој дел не се многу успешни во наплатата на новинарскиот производ.
Грчката новинска агенција АНА-МПА има воведено сопствен мониторинг, софтвер преку кој ги следат нивните вести и сајтовите и медиумите во кои тие нелегално се појавуваат. Доколку се утврди такво нешто ги известуваат дека им е финансиски поисплатливо да се претплатат на нивниот сервис отколку да ангажираат свои новинари или да се соочат со евентуалните правни последици. На тој начин, вели Софија Пападопулу, уредник во оваа агенција, успешно решиле 40 проценти од утврдените случаи на нелегално користење на нивните производи.
Според Евелина Андреева од Бугарската новинска агенција БТА, за справување со нелегалното користење на агенциските производи постојат две опции. Едната е со зголемување на опсегот на производство на вести и на нови видови новинарски производи и вториот начин да се понуди основниот пакет вести бесплатно. На тој начин, вели, медиумите и порталите ќе можат и да ја цитираат новинската агенција.
На крајот на дебатата учесниците усвоија заклучоци во кои членките на АБНА констатираат загрижувачки состојби и трендови во кршењето на авторските и издавачките права, на вестите и другите новинарски производи во своите држави.
Членките на АБНА упатуваат апел до медиумите, интернет-порталите и поединците да се однесуваат одговорно и да престанат со практиката на злоупотреба и кршење на авторските и издавачките права на продуктите од новинските агенции. Националните новински агенции од Балканот апелираат и до надлежните служби и владите во државите од ЈИЕ законски да го уредат прашањето за ефикасна заштита на авторските и издавачките права. Од судските и другите правни инстанции во државите во регионот се бара да им придадат важност на процесите кои се однесуваат на заштита на интелектуалната сопственост, авторските и издавачките права и ефикасно да ги завршуваат во разумен рок, се наведува во заклучоците усвоени на трибината што се одржа во Едукативниот центар на М6 во Скопје во рамки на Генералното собрание на АБНА-ЈИЕ чиј домаќин е Македонската информативна агенција – МИА.
извор:„МИА“