Врело лето се очекува на подрачјето на јужна и источна Европа, прогнозира познатиот метеоролошки сервис AccuWeather.com. Според метеоролозите, особено суви и врели периоди се очекуваат на просторот на Балканскиот полуостров, од јужна Украина надолу. Се вели дека ова лето ќе биде потполно различно од ланското, кога преовладуваше студено и влажно време.
Бранови на топлина особено ќе бидат изразени во средината на јули и во текот на цел август, кога на ова подрачје температурите ќе надминуваат вредност од 32 степени Целзиусови, а во најтоплите периоди и над 38 Целзиусови степени . Влажното време од минатиот период ќе спречи појава на суши, иако не се исклучува можноста за краткотрајни суши, кои можат да влијаат на помал принос од земјоделството.
Во остатокот од Европа прогнозата е шаренолика. На северозапад нема да биде претерано топло, а во Полска, Чешка, Белорусија, и Украина се очекуваат чести бури со грмотевици. Од истокот на Шпанија, преку југот на Франција, па до Италија ќе преовладува типично летно време, додека повремени дождови се очекуваат на западот на Шпанија и во Португалија.
Во Франција, Белгија, Холандија и западна Германија, ќе биде жешко, додека во Ирска и западна Шкотска, се очекуваат температури пониски од вообичаените.
OhridNews