Над 12 милиони евра или точно 749.928.363 денари изнесува загубата на АД „ЕМО“ Охрид во текот на минатата година. Ова го покажува Годишниот извештај на одборот на директори од ова друштво за 2013 година, кој заедно со Ревизоскиот извештај треба да бидат разгледувани и усвоени на Годишното собрание на акционери на „ЕМО“ кое е закажано за 26-ти декември 2014 година.
Според податоците кои се поместени во извештајот, во деловната 2013 година остварен е вкупен приход од околу 11 милиони евра или 719.718.900 денари, додека пак вкупните расходи изнесувале над 23 милиони евра или 1.439.553.856 денари.
-Остварените резулатати во 2013 година треба да се разгледуваат засебно бидејќи во 2013 година се поведоа стечајни и ликвидациони постапки за 40 друштва со што значително се намалија обврските за плати и придонеси како и меѓусебните побарувања и обврски помеѓу друштвата. Со ликвидацијата на друштвата, „ЕМО“ изврши отпис на побарувањата и обврските од друштвата кои до 31-ви јануари 2013 година се ликвидирани. Од таа причина и загубата на „ЕМО“ е зголемена, се појаснува во извештајот.
Освен големата финансиска загуба во текот на минатата година, оваа компанија регистрирала и намалување на бројот на вработени за 935 лица.
-На почетокот на 2013 година „ЕМО“ имаше 1.120 вработени, а на крајот односно на 31-ви декември 2013 година година имаше 185 вработени или намалување на бројот на вработените за 935 лица. На 99 работници им престанал работниот однос по основ на технолошки вишок, а на 836 работници им престанал работниот однос врз основа на стечај, пишува во годишниот извештај.
Како еден од главните фактори кои имале влијание на ваквата состојба во „ЕМО“, одборот на Директори ја наведува Светската економска криза, која силно го погодила секторот енергетика.
-Овој сектор претставува основна дејност на работењето на друштвото „ЕМО“, што доведе до значително намалување на инвестициите во енергетските компании на пазарите, а тоа значеше и намален обем на работа, односно намалена нарачка на ЕМО-вите производи како што се трансформатори, мерни трансформатори, изолатори, разделувачи, далеководи и слично, се посочува во извештајот.
Освен економската криза, врз работењето на препријатието негативно се рефлектирала и блокадата на сметките на „ЕМО“ и капитално поврзаните друштва, во период подолг од 12 месеци, кои се резултат на поведените постапки за присилно извршување од страна на доверителите по основ на судски спорови и тоа работни и стопански спорови, како и блокади од Управата за јавни приходи за неисплатени придонеси.
Е.М