Од 1-ви ноември автобусите на „Галеб“ кон населбата Радојца Новичиќ ќе сообраќаат по цена од 15 денари, а месечниот билет ќе изнесува само 500 денари. Билет во еден правец за Велгошти, Лескоец, Косел и Лакочереј ќе чини 20 денари, а месечниот 600 денари, додека за Пештани граѓаните ќе патуваат по цена од 30 денари, односно за 800 денари месечно.
Од „Галеб“ велат дека новите цени економски се неоправдани, но на ваков чекор се решиле со цел да го свртат вниманието на јавноста, а пред се на надлежните институции кон проблемот со дивите автопревозници кои со години создаваат нелојална конкуренција.
-Целта на оваа кампања е да се елиминираат дивите превозници. Притоа не сакам да го нападнам општинскиот сообраќаен инспектор Митко Талески кој коректно си ја врши работата, но тие постојано изнаоѓаат дупки во законот, а поднесените пријави против нив не добиваат судски епилог.-изјави Димитар Василески од А.Д. „Галеб“.
Според него во случајот има простор за делување и на трудовата и финансиската инспекција, бидејќи дел од автопревозниците незаконски работат и не се регистрирани за дејноста која ја обавуваат.