По неколкугодишнa пауза АД „Галеб“ Охрид, повторно ќе биде присутен на германскиот пазар со редовна автобуска линија од Охрид за Нинберг и Минхен. Новата линија ќе стартува оваа сабота.

-За почеток ќе се вози секоја сабота, а понатаму во план ни е воведување и втора линија во среда, изјави Димитар Василески–раководител на секторот за патнички сообраќај при АД „Галеб“ Охрид.


Корист од воведување на ваква линија пред се ќе имаат патниците од охридско – струшкиот регион, кој е познат по печалбарството особено во западноевропските земји, посочува Василески, кој очекува интерес за новата линија да пројават и патници од Германија кои сакаат да ги посетат туристичките атракции на нашата земја.

Автобусот Охрид – Нинберг – Минхен во саботите ќе поаѓа во 10:30 часот од Градската автобуска станица, а цената на билетот во еден правец ќе чини околу 80 евра.


Најголемиот и најреномиран автопревозник во регионот располага со 50 патнички автобуси и десетина минибуси кои секојдневно се обраќаат на локалните и редовните меѓуградски линии во земјата кон Скопје преку Кичево и Битола и кон Кочани, а на меѓународниот пазар „Галеб“ долги години е присутен во Србија, Црна Гора и Албанија.

Во блиска иднина „Галеб“ најавува воведување на уште неколку меѓународни линии кон Швајцарија и Чешка, кои стануваат се поинтересни дестинации за патниците од регионот.

OhridNews