Акционерското друштво ,,Хотели Метропол’’ Охрид пред десетина дена се задолжило со кредит од вкупно 300.000 евра, објави ,,МК-Фондови’’.
-На ден 07.06.2012 година воспоставен е Договор за залог, заради обезбедување на кредит од Охридска банка АД Охрид во износ од 300.000 евра. Залогот опфаќа недвижен имот во вредност од 36.610.581,50 денари пресметан според сегашна книговодствена вредност, што претставува 10,23 % од вредноста на капиталот на друштвото согласно последните ревидирани финансиски извештаи, стои во објавената информација.
Инаку неодамна беше објавено дека трите хотели на охридската компанија „Метропол“ во првите три месеци од 2012 година претрпеле загуба од над 290.000 евра или точно 17.882.598 денари. Во неревидираниот биланс на успех кој беше јавно објавен можеше да се види дека ова хотелиерско друштво остварила 30 отсто помалку приходи во споредба со истиот период лани.
Хотелите „Белви“, „Метропол“ и „Турист“ со вкупен капацитет од 368 соби, во првото тромесечје од годинава оствариле приход од над 120.000 евра или околу 7,6 милиони денари. Во истиот период имале расходи од над 25 милиони денари од кои најголема ставка имаат потрошениот материјал и платите за вработените, кои заедно изнесуваат над 18 милиони денари.