Златото што им го одзедоа норвежанките на Олимписките игри во Лондон, црногорките го освоија на Европското првенство во Србија и тоа во меч кој траеше рекордни 80-ет минути.

– Ова беше нашиот сон, еден ден да освоиме златен медал на некое големо натпреварување. По победата над Норвешка ние го остваривме нашиот сон и горди сме на тоа – истакна селекторот на Црна Гора, Драган Аџиќ за ЕХФ.

Селекторот на црногорките Аџиќ, кој ги предводеше и до сребрениот медал на Олимписките игри во Лондон потенцираше дека “златната“ селекција е производ на макотрпно работење неколку години.

– Ова е долг проект, трофејот од ЕП во Србија е само круна сето тоа. Би сакал да ја задржам оваа генерација неколку години за да да ги израдуваме црногорците со уште некој медал – рече Аџиќ.

Финалето помеѓу Норвешка – Црна Гора одиграно во Белград според ЕХФ ќе конкурира за најдобар натпревар воопшто на сите континентални собири досега.

Мх.П.