Градежната компанија Адора Инженеринг го доби деветтото високо национално признание за ООП, плакета за 2013 година, во категоријата „Заштита на животната средина“, за проектот „ А класа- Еко домови за здрава и сигурна иднина“.
Признанието што министерот за економија Беким Незири и го додели на д-р Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор во компанијата е за проектот што е дел од долгорочната стратегија за изградба на енергетски ефикасни домови во Македонија, што со примена на високи технологии, зелена архитектура и обновливи извори на енергија, на станарите им овозможуваат квалитетно, здраво и економично домување по европски стандарди.
– Двата елитни станбено- деловни објекти Аеродром-Парк и Аеродром-Црква ги надминуваат барањата од Правилникот за енергетски карактеристики на згради во Македонија и се први колективни станбени згради изградени од високата А класа. Елитните висококвалитетни станбени објекти со врвна геомеханичка и асеизмичка стабилност, на станарите им штедат енергија за греење и ладење, трошејќи до 6 пати помалку од порано, а со поставувањето заедничко осветлување со фотоволтаици и инсталирањето штедливи светилки на сензори, овозможуваме поквалитетно и поекономично домување. Намалената потрошувачка на енергија не значи само финансиско намалување на трошоците туку и намалување на емисијата на CO2 со што придонесуваме за почиста и поздрава животна средина, посочи извршниот директор во Адора Инженеринг д-р Драгана Д. Чифлиганец.
Проектот опфаќа и хортикултурно уредување и оплеменување на просторот околу зградите за разубавување и подобрување на животниот простор.
Ова високо признание е 4-то што во областа на животната средина Адора Инженеринг го добива од Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и министерството за економија.
OhridNews