Поразот на фудбалската репрезентација на Македонија, или победата на Русија во Скопје, предизвика различни реакции кај предводниците на националните тимови, Мирсад Јонуз и Дик Адвокат.  Холандскиот стратег на клупата на „зборнаја“  е задоволен што неговите избраници во Скопје ги освоија трите бода.


„Голот кој го постигнавме во раната фаза на мечот беше клучен за конечниот исход“, беше првиот впечаток на Адвокат. Рускиот селектор е задоволен што од двете тешки гостувања во Даблин и Скопје неговата репрезентација се враќа со освоени шест бода, нешто што според него дополнително ќе ја зголеми самодовербата кај играчите.

„ Македонија одигра исклучително добар натпревар, но на крајот мислам дека ние завршивме добра работа“, вели Адвокат кој не се согласува со костатацијата дека неговиот тим бил миленик на фортуната.

„ Не сметам дека имавме среќа. Македонија е силна репрезентација, ние знаевме дека овој натпревар за нас ќе биде многу потежок од оној против Ирска.“

На новинарско прашање да го искоментира досудениот пенал за Македонија, Адвокат кусо одговори. „ Некој ме повика од клупата така да не го видов моментов кога беше досуден пеналот, но мислам дека одлуката на судијата беше престрога“.

Понесен од победата Адвокат си дозволи да им се налути на руските новинари кои го опседнуваа со прашања за првата ѕвезда Андреј Аршавин.

„ Ние одигравме тежок натпревар, забележавме победа, а вие ме прашувате за Аршавин, зошто секогаш ги гледате само лошите работи. Аршавин одигра две средби во само четири дена, затоа го заменив пред самиот крај, но неговата замена Бистров е исто така квалитетен фудбалер кој знае да одговори на поставените задачи“, заврши Адвокат.

Разбирливо сосема спортивно беше расположението на македонскиот селектор. Јонуз е задоволен од играта, но не и од резултатот.

„ И покрај проблемите во играчкиот состав, отсуството на неколку стандардни играчи, потоа и психолошкиот стрес кој го имавме изминатиот месец, а кој беше создаден од надворешниот фактор, можам на момците да им честитам на изворедната игра. Но кога на крај се ќе се собере една наша грешка беше клучна за поразот.“

Македонскиот селектор потенцира дека во играта се почуствало неиграњето на Пандев и Попов, фудбалери врз кои изминатите десет месеци се градела играта на репрезентацијата.

„Се почуствува во првите петнаесет минути дека во тимот има неколку дебитанти, а да се дебитира против ваков противник не е лесно. Згора на тоа немавме среќа, исто како што ја немавме ни против Словачка. Жалам што против Ерменија немавме ваква поддршка од публиката“, вели Јонуз.

Македонскиот селектор не беше задоволен ниту од арбитражата на шведскиот судија Штефан Јоханесон.

„Во првото полувреме за нас требаше да биде свирен чист пенал и да биде покажан црвен картон. Компензацијата ја направи во вториот дел кога досуди пенал, но моментот од првото полувреме беше клучен за конечниот исход.“

Преводникот на „црвено-жолтите“ не може да му забележи ништо на Илчо Наумоски за промашениот пенал, смета дека тој имал храброст да ја преземе одговорноста врз себе.

„Она што ни се случи вечерва беше вистинска несреќа имаше и солзи во соблекувалната, но дека одигравме добро покажаа и аплаузите кои ги добивме на крајот“, изјави Јонуз.

Селекторот на Македонија смета дека оваа генерација покажува дека репрезентацијата има иднина е дека со оглед на нерешениот резултат на натпреварот Словачка-Република Ирска, сите опции во Б групата до крајот на квалификациите ќе бидат отворени.

“Извор Макфас“
Ohridnews