Агенцијата за електронски комуникации(АЕК) најави обезбедување на „Универзална услуга“ со која телекомуникациските услуги и интернет пристап ќе бидат достапни и за најранливите групи.
Ова вчера го соопшти директорот на АЕК Роберт Ордановски, на меѓународна регулаторна конференција што се одржува во Охрид, пренесува „Макфакс“.
„Агенцијата за електронски комуникации во целост ќе се заложи секој граѓанин на Република Македонија да ги почуствува бенефитите од информатичките комуникацииски технологии и ќе има прилика да биде информиран за сите збиднување во светот. Тоа е нашата највисока цел и најголем предизвик. Затоа сите наши напори во иднина ќе бидат насочени кон достапност на овие услуги до секое семејство. Во правец на тоа донесени се регулативи со кои во иднина ќе обезбедиме ’Универзална услуга’ со која телекомуникациските услуги и интернет пристап ќе бидат достапни и за најранливите групи (социјалните семејства и лицата со посебни потреби). Дополнително работиме и на низа останати регулативни мерки со кои ќе се гарантира минимум квалитет на услугата.“ изјави Орданоски.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски говореше за предизвиците што водат кон дигиталната иднина.
„Повеќе од јасно е дека годините што ќе следат ќе бидат клучни за мигрирање кон супер брзите комуникациски мрежи, при што оние земнји кои времено ќе обезбедат амбиент за нивно инвестирање ќе го фатат супер брзиот воз кој води кон дигитална иднина“, рече Ивановски.
На конференцијата присуствуваа регулаторите од сите земји од регионот, претставници од сите чинители на пазарот на електронски комуникации во Р. Македонија, како и деканите од ФИНКИ, ФЕИТ, како и ректорот на информатички науки и технологии од Охрид „Св. Апостол Павле“.
На конференцијата се покренаа голем број на прашања во врска со широкопојасниот интернет, степенот на негова застапеност во Р. Македонија, новата генерација мобилни мрежи, како и брзината со која Р. Македонија се движи кон светските трендови.
За време на конференцијата, претставници од целата ИТ индустрија, презентираа свои апликативни софтверски решенија, кои ќе помогнат на бизнисите, во олеснување на секојдневните работни процеси.
Во најава од министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, беше наведено дека оваа година на полето на електронски комуникации ќе биде усогласен Законот за електронски комуникации, со тоа што во него ќе бидат вклучени најновите евопски директви кои го засегаат полето на електронски комуникации.
Исто така, во насока на подрување на електронскиот бизнис, ќе биде донесена легислатива за мобилното банкарство (mobile banking).
извор: „Макфакс“