Идејата за изградба на аеродром на вода на Охридското Езеро, која вчера ја промовираше Министерството за транспорт и врски, според екологистите  повеќе наликува на политички маркетинг, отколку на реално остварлив проект.

-Нас ова малку ни гледа како обоено со политика, можеби министерот во последно време не бил многу актуелен па сака да е актуелен, од друга страна градоначалникот на Охрид треба да реагира да се држи некаква тензија на релација Скопје – Охрид, вели Борче Стојаноски од ЕД „Грашница“.

Екологистите предупредуваат на можните последици по еко системот на Охридското Езеро, особено поради фактот што авионите кои ќе полетуваат и слетуваат на вода треба да бидат снабдени со гориво кое е исклучително токсично и при евентуална хаварија може сериозно да го загрози живиот свет во езерото. Оттаму, сметаат екологистите исклучително важно е пред било што да се направи да се изготви соодветна стручна анализа.
 
-Добивките кога би ги ставиле на една страна со она што би можеле да го загубиме се многу мали и сметам дека не е направена содржајна анализа колку гости би се привлекле со изградба на таков аеродром, која би била добивката наспроти Охридското Езеро кое е со непроценлива вредност и сметам дека вакви луксузни градби на Охридското Езеро сега за сега не му се потребни.-изјави Ѓоко Зороски од Друштвото на екологисти на Македонија.

Сериозна пречка за реалзаиција на ваквата идеа е и фактот што Охридското Езеро е прогласено за светско природно наследство под заштита на УНЕСКО, а Македонија е потписник и на бројни меѓународни декларации.

-Најчесто вакви градби се градат на отворени мориња каде струењата се силни и загадувањето може да се разреди побрзо. Не треба да се заборави фактот дека Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО, а една ваква голема интервенција би можело да предизвика штети. Македонија е потписник и на ЕСПО конвенција за прекугранични влијанија каде што другата страна би можела да претрпи последици. Во случајов соседната страна, Албанија, треба да се вклучи во дискусиите за реализација на еден ваков проект кој треба да  помине и одредена правна процедура, а исто така треба и да се изготви елаборат за влијание врз животната средина, објаснува Зороски.

Од Министетрството за транспорт и врски информираат дека целта на објавениот меѓународен повик за изграднба на аеродром на вода е да се испита дали постои интерес за реализација на еден ваков проект. Оттаму појаснуваат дека нема да има никакви градби на вода, а пропратните објекти кои треба да ги опслужуваат хидроавионите ќе бидат сместени во близина на аеродромот Св. Апостол павле со цел да се искористи постоечката инфраструктура. Ова е прва фаза и доколку има заинтересирани одговорно тврдам дека проектот ќе се реализира според сите безбедносни стандарди и критериуми согласно европската регулатива, истакна денеска на прес конференција во Скопје министерот Миле Јанакиески.

– Не случајно во нашиот  повик потенциравме дека Охрид е  град на УНЕСКО. Одговорно тврдам дека доколку во иднина има интерес и Владата најде стратешки партрнер за изградба  на таков аеродром тоа ќе биде согласно сите европски стандарди  и ќе бидат запазени сите еколошки стандарди. Воопшто не станува збор за изградба на писта асфалт на Охридското Езеро. Нашата цел со сите чекори  што ги правиме да привлечеме што повеќе туристи во Охрид и во целиот регион, појасни министерот за транспорт.

Според јавниот повик на Министерството за транспорт и врски, проектот за изградба на аеродром на вода на Охридското Езеро ќе се реалзира по принципот на јавно приватно партнерство или концесија. Јавниот повик е во тек и ќе трае до 10 декември.Барањето е објавено во дневните домашни и меѓународни печатени медиуми и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Г. Момироски