Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед по потекло од Кина. Ваквата изјава од агенцијата следува по наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, кој во изјава за медиумите изјави дека македонскиот пазар е преплавен со фалсификуван неквалитетен мед по потекло од Кина и дека истиот се продава во маркетите.
- Увоз на мед од оваа земја не е реализиран ниту лани, ниту во 2018 година, велат од агенцијата.
Оттаму, информираат дека увезените 35 пратки со мед во текот на минатата година, со вкупна количина од 220 515 килограми, најголемите количини, или 29 пратки тешки 156 238 килограми биле по потело од соседна Србија. Три пратки со вкупна тежина од 63 000 килограми минатата година се увезени од Молдавија, една пратка со 1 151 килограм мед е од Австралија и една од Франција, со тежина од 126 килограми.
- Сите пратки со мед кои се увезуваат во земјава подлежат на задолжително лабораториско испитување при влез во земјава со цел контрола на резидуи и контаминенти, одредување на квалитетот на медот, начинот на пакување и означување и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. Од сите земени мостри од увозните пратки со мед, досега не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, односно медот кој се увезува во земјава е безбеден и квалитетен, додаваат од агенцијата.
Во 2018 година, во земјава увезени биле вкупно 420 649 килограми мед, најголеми количини или 252 000 килограми од Молдавија, 168 504 килограми од соседна Србија и 145 килограми мед по потекло од Франција.
OhridNews