ХОТАМ не сака да ги види конкретните резултати направени во туристичката промоција на земјата, обвинува Агенцијата за промоција на туризмот, на која претседателот на хотелската асоцијација, Дончо Танески и забележа дека дејствува со програма која не е усогласена со потребите на реалниот сектор.

Од Агенцијата велат дека ХОТАМ од една страна намерно ги искривува фактите и ја  дезинформира јавноста, а од друга страна не соработува со надлежните институции во изготвување на програмата за промоција на туризмот во 2010 година.

– Фрапантно е вие како дел од туристичкиот сектор да не сакате да ги видите или признаете конкретните активности кои за првпат се превзедоа од аспект на промоција на Македонија како туристичка дестинација, се вели во реакцијата на Агенцијата за промоција на туризмот.

Оттаму посочуваат дека  за првпат се креираа туристички спотови под мотото Македонија – вечна кои се емитуваа во една организирана кампања на глобални телевизиски канали и се организираа билборд кампањи под мотото Македонија – таму каде што сонцето вечно сјае, во соседните земји, а македонските туристички потенцијали се промовираат и во најтиражните глобални печатени медиуми како CNN traveler magazine. Од 1 јануари продолжува во National geografic traveler magazine, и за првпат во CNBS traveler magazine и кои имаат дистрибуција до над 500 000 членови, авиокомпани, ланци на хотели …  за првпат во магазинот на Европска Унија The Parlament. Уште една новина– угледниот New York Times за следната година Македонија ќе ја промовира како една од 30 најпосакувани дестинации кои треба да се посетат, информираат од Агенцијата за промоција на туризмот.
 
Агенцијата потсетува и на реализираните студиски патувања на туроператори и новинари од Германија, Холандија, Јапонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Украина и Русија низ Македонија и на учеството на бизнис форуми и конференции за туризмот каде биле  презентирани  туристичките потенцијали на земјата.

– Заборавате намерно дека од следната година за првпат во историјата на нашата земја се започнува со субвенции за туроператори кои ќе носат странски туристи во Македонија. Во исто време Ве информирам дека од следната година по теркот на развиените туристички земји (Словенија,Хрватска,Црна Гора) ќе делегираме 4 туристички промотори во таргетирани емитивни земји во странство, стои понатаму во реакцијата на Агенцијата за промоција на туризмот.

Од Агенцијата укажуваат дека дека во година на тешка економска криза кога во Европа падот е околу 5%,  во период за јануари – септември 2009 година споредено со истиот период лани, бројот на странски туристи во Македонија е зголемен за 5% а бројот на ноќевања за 2,3%. Девизниот нето приход од туризмот за првите 6 месеци е зголемен за 30 милиони американски долари споредено со истиот период од лани, се наведува во соопштението.

– Во туризмот дефинитивно дуваат нови ветрови на млади генерации на туристички работници кои ги користат искуствата на другите развиени туристички земји.Затоа немојте толку песимистички да ги гледате работите, туку  придружете се, стои во реакцијата на Агенцијата за промоција на туризмот.

Ohridnews