На брендиран штанд под мотото „Macedonia Timeless“  Македонија се претстави на саемот за туризам во Утрехт – Холандија (11 -16-ти јануари). Централната презентација се одржа во средата  каде со македонска музика се дегустираше националната  кујна и вино од нашето поднебје, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.


Оттаму изразуваат задоволство од презентацијата на македонските туристички потенцијали, што се реализира во соработка со општина Охрид и Струга. На штандот кој го посетија македонскиот амбасадор Димитров, холандската амбасадорка Филипини, заменик министерот за економија Хаџи Васков, директорот на Агенцијата Стрезовски и градоначалникот на Струга, Мерко, своите аранжмани ги презентираа дваесетина туристички агенции и хотелиери од Македонија кои оствариле повеќе средби со странските партнери. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот уште информираат дека Македонија како туристичка дестинација била претставена во каталозите на повеќе тур-оператори, што до сега не било случај.


Наспроти задоволството што го изрази Агенцијата, дел од хотелските работници упатија серизони забелешки за презентацијата на македонскиот туризам на саемот во Утрехт. Според Дончо Танески од ХОТАМ македонскиот штанд бил слабо организиран, а недостигал и квалитетен промотивен материјал.

– Македонската штанд е мошне лошо организиран, недостасуваат промотивни материјали, нема луѓе на штандот, се на се една очајна слика. Ако требаше да чекаме Агенцијата да ни организира доаѓање гости во Македонија, сигурно и оваа година Холаѓаните немаше да ги видиме на Охридската ривиера,  посочи претседателот на ХОТАМ.

OhridNews