-Преку интерактивни работилници учениците беа вклучени во осознавање на поимите агресија и агресивно однесување, информираат од Младинскиот совет.
Учесниците на работилниците преку игра на улоги на насилници и жртви на не вербален начин, имаа можност да го прикажат изгледот на насилник со гестикулација и прикажување на експресивност на лицето и поставеноста на телото. Младите имаат поделени мислења по однос на ова прашање, дел сметаат дека на насилството треба да се одговори со насилство, а дел дека треба да се внимава како се постапува во насилна ситуација, со цел да не се дојде до уште полоша ситуација.
Работилниците ги охрабрија младите да проговорат и да кажат дека дел од нив и самите се нашле во состојба на жртви на агресија од своите врсници.
-Младите се свесни за постоење на агресивно однесување, но одбрамбените механизми кои се јавуваат во текот на нивниот развој, како несвесен облик на реагирање, придонесуваат кон застапеност на облиците на агресија меѓу самите нив, како врсници, при што се започнува со вербален облик на агресивно однесување, кој како краен облик води до физичка спротивставеност, посочуваат од Младинскиот совет.
Според учесниците на овие работилници, медиумите придонесуваат за агресивното однесување на младите.
Работилниците ги реализираше Јасмина Јовческа, психолог во Младински Совет, во соработка со млади едукатори од училиштата вклучени во проектот.