Али Ахмети лидерот на ДУИ и неговиот сопартиец Муса Џафери од поранешниот разузнавач Слободан Богоевски бараат 90 илјади евра отштета за клевета и нарушен углед, јавув Телма. Денешното судско рочиште се одложи поради технички причини, односно Богоевски не успеал навреме да достави одговор на тужбата.

Ахмети и Џафери го тужат за негови изјави во медиуми околку истрагата во Америка за примен поткуп од политичари за случајот Маџар телеком, во кој Богоевски ги споменува како дел од политичарите кои примиле мито. Богоевски иако уште не е почнат судскиот процес и не поднел одговор на тужба изјави дека случајот е дел од политичката актуелна сцена и најави дека ќе поднесе кривични пријави за Ахмети и Џафери ако тужбата не биде веднаш отфрлена.

„Ова е една мала слика што ја прикажува големата слика за односот на нашата власт кон судството. Целта е јасна, тие сакаат пред ненадлежен суд да издејствуваат некаква одлука за да ја користат во кривичната постапка којашто се води во јавните обвинителства за организиран криминал. Сакаат да се амортизира мојата изјава и постапката пред Њујоршкиот суд сметајќи дека ова е најлесен начин што ќе им помогне во таа постапка. Самата тужба за клевета за исказ даден во судска постапка не е дозволена, тоа добро го знаат и тие и нивните полномошници. И според американското и според нашето законодавство тоа е казниво според кривичниот законик, казниво влијание врз сведоци во судска постапка. Ако не биде отфрлена веднаш ќе процесуирам кривична постапка против подносителите и сите што учествуваат во оваа постапка. Не можете да тужите никого за навреда и клевета за исказ даден во судска постапка.“

Крунски доказ на Богоевски дека тужбата е безпредметна ќе биде и писмо од американската комисија за хартии од вредност во кое предупредуваат дека сведоците што дале исказ во судска постапка не смеат да бидат заплашувани. Во писмото пишува дека во САД сведок што се повикува да сведочи во судска постапка не се става во опасност од парница за клевета.

„Американскиот правен систем признава дека едно независно судство не може да функционира ако сведоците можат да бидат заплашувани поради тоа што дале изјава, а во овој случај, не постои сомнеж дека Вашата изјава беше дадена во судска постапка и заслужува соодветна заштита“, пишува во писмото од американската Комисија за хартии од вредност.

Богоески минатата недела во интервју за ТОП ТЕМА обелодени сведочења и за врвот на ВМРО-ДПМНЕ од каде исто така најавија дека ќе го тужат. За оваа тужба Богоески изјави дека не знае со што ја навредил самата партија, но рече дека ќе ја коментира тогаш кога ќе ја добие тужбата.

OhridNews
извор: „Телма“