Лидерот на Демократската унија за интеграција, кој престојува во повеќедневна посета на САД, во петокот во Њујорк се сретна со медијаторот Метју Нимиц, како и со амбасадорите на САД, Велика Британија и Франција во Обединетите нации.

Ахмети и Нимиц се сложиле дека сега е најдоброто време да се реши ова прашање и дека политичарите треба со храброст да преземат значајни одлуки за да ја осигураат иднината на земјата, се вели во соопштението на ДУИ.
Нимиц му се заблагодарил на Ахмети за вредните совети како и за неговата поддршка во смисол на помагање на процесот, додека Ахмети упатил апел до меѓународната заедница за поголема поддршка кон процесот на посредувачот Нимиц.
Претходно, Ахмети во претставништвото на САД при Организацијата на Обединетите Нации се сретна со амбасадорката Розмари ди Карло
Соговорниците размениле спомени од, како што се наведува, нивната успешна соработка во 2007 и 2008 година, при што Ахмети нагласил дека еден таков сличен меѓународен поттик е потребен и денес кога треба конечно да се реши прашањето со името.
Амбасадорката Ди Карло ја подвлече американската поддршка за интеграцијата на Македонија во НАТО, но и потребата за постигнување компромис со јужниот сосед околу
прашањето со името што ја држи Македонија далеку од евроатлантските структури.
Претседателот на ДУИ исто така одржа средба со амбасадорот Мајкл Татам од британската Постојана Мисија во ООН, кој што имаше големи познавање за регионот и Македонија уште од 2001 година.
„И британскиот Амбасадор нагласи дека неговата земја силно го поддржува патот на Македонија кон НАТО и ЕУ и истовремено ги охрабри политичките лидери да превземат
напори за да го реализираат овој процес што е можно побргу.“ – стои во соопштението на ДУИ.
Тој побарал поголемо ангажирање на Лондон кон решавање на прашањето со името што ќе го заокружи овој голем процес на заедничко инвестирање преку интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ.
Исто така, лидерот на ДУИ имаше работна средба и во француската Постојана Мисија во ООН во Њујорк, при што изјави дека Франција е земја пријател на Македонија и Грција и ја покани да го искористи своето влијание кон решавање на спорот со името што ќе овозможи интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.
OhridNews
извор: „Макфакс“












