Меѓународната заедница навреме реагираше во конфликтот во Македонија и со тоа спречи повторување на сценаријата во Босна и Косово, оцени лидерот на ДУИ и предводник на ОНА во конфликтната 2001, Али Ахмети, на десетгодишната од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, која се одбележува со Меѓународна конференција што се одржува во Охрид.
 
Тој од меѓународниот фактор побара исто така да се заложи и во решавањето на, според него, последниот чекор кон обезбедувањето треаен мир во Македонија, но и во регионот, а тоа е изнаоѓање разврска за прашањето со името.

– Последниот чекор во обезбедувањето мир не само во Македонија, туку и во регионот, би била засилена меѓународна помош во разрешувањето на проблемот со името, да се изнајде разврска на тоа прашање. Најдобар начин за тоа е да се формира група, чие седиште нема да биде во Њујорк, туку која ќе делува тука, во регионот. Би сакал таа група да функционира одвнатре, така како што функционираше групата на Ахтисари, групите кои што ги создадоа Рамбује и Дејтон, и преку еден засилен ангажман на крајот да се постигне мирот, а мојата држава да се зачлени во НАТО и ЕУ, и со тоа да почне нашата успешна приказна, истакна Ахмети.


Претходно на Конференцијата во Охрид со слична теза излезе и американскиот дипломат и олеснувач на преговорите кои доведоа до потпишување на Охридскиот рамковен договор, Џејмс Пердју.

– Можеби еден од најголемите предизвици со кои се соочува Македонија е меѓународната изолација предизвикана од проблемот со името со Грција. Тоа е постојана пречка за нејзина интеграција во западноевропските институции, а  Македонија тоа очајнички го посакува. Јас бев тука во 1995 година со Холбрук кога дојде да преговара со Македонија и Грција и беше лично вклучен во Охридскиот процес за спречување на војната. Можеби ќе биде потребна меѓународна помош за да се разврзе Гордиевиот јазол, можеби  се приближува времето кога САД и Европа треба да направат такви усилби до лидерите на двете држави вклучени во спорот, рече Пердју.

Конферецијата посветена на 10-годишнината од потпишување на Рамковниот договор продолжува денеска со  излагање на домашни и странски експерти.

OhridNews