Охрид е град со голема симболика. Тука беше направен компромис и се постигна мир кој го отвори патот на дијалогот кој го подобри статусот на Албанците и другите помали заедници во Македонија. Ова меѓу другото го истакна лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на митингот што доцна попладнево се одржа во Охрид.
Тој рече дека мотото под кое ДУИ настапува на овие избори – „Заедно за Европа“ ги обединува желбите и интересите на сите етнички заедници во Македонија.
– Бараме поддршка на овие избори од мнозинството граѓани во Македонија, од Албанците но и од другите етнички заедници. ДУИ има поддршка и од Македонците кои се свесни дека ние живееме и егзистираме во заедничка држава и препознаваат дека работиме за нејзините интереси.-рече Ахмети.
Ахмети пред граѓаните на Охрид истакна дека ДУИ не се откажува од идејата за консензуален претседател, кој според него и е неопходен н земјата.
-Ние имавме понуда која требаше да ја прифати поголемата етничка заедница. Но, не најдовме заеднички јазик за кандидат за претседател кој ќе ги застапува интересите на сите етнички заедници, односно не беше постигнат договор помеѓу двете најголеми партии на Албанците и Македонците. Затоа ние нема да гласаме за ниту еден од предложените кандидати, бидејќи тие не ја претставуваат иднината на Македонија. Ние ја покренавме иницијативата за консензуален претседател и ќе ја реализираме, ако не денес, утре. Пет години брзо ќе поминат, а ние во наредните 5 години ќе работиме на реализирање на оваа идеја која е за доброто на сите.-истакна Ахмети.
На митингот во Охрид беа претставени кандидатите на ДУИ за пратеници во 5 ИЕ, каде носител на листата е Муса Џафери. Тој изрази увереност дека граѓаните и на овие избори ќе ги поддржат политиките на ДУИ.
-Знаеме дека има и други политички понуди, но исто така знаеме дека гласачите ги почитуваат реализираните проекти и заложбите на ДУИ за подобра иднина. Ние ќе продолжиме и во наредните 4 години заедно со другите етнички заедници да работиме за доброто на сите граѓани и нивна интеграција во системот како на локално така на централно ниво.-рече Џафери.
Пред симпатизерите на партијата на митингот во Центарот за култура се обрати и шефот на изборниот штаб на ДУИ во Охрид Нефи Усеини. Тој истакна дека мисија на ДУИ е рамноправност на сите етнички заедници и ги повика охриѓани да гласаат за оваа партија.
Г. Момироски