Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ, дека чоколатцата Марс, Сникерс, Милки веј, Веј минис и Минијатурис се небезбедни.

„Агенцијата е во тек и ги следи информациите за повлекувањето на дел од овие производи од германскиот пазар од страна на компанијата производител, поради појава на пластика во производите“, се вели во соопштението од Агенцијата.

Понатаму се додава дека доколку добие нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ дека небезбедни производи од овој производител се наоѓаат на македонскиот пазар, АХВ ќе постапи соодветно и ќе ги отстрани од пазарот.

Производителот на чоколатцата „Марс“ и „Сникерс“ ги повлече од продажната мрежа во Германија откако во нив беа пронајдени парчиња пластика. Исто така биле повлечени и чоколатцата Милки веј, Веј минис и Минијатурис, пренесе BBC. На повлечените производи рокот на траење им истекувал меѓу 19 јуни 2016 и 8 јануари 2017 година.

France presse пак наведе дека некои производи на Марс се повлечени и во Холандија, Белгија, Франција, Велика Британија, Италија и Шпанија. Американската компанија „Марс“ не наведе со колкава количина на чоколади има проблем.

OhridNews
Извор:„Макфакс“