Агенцијата за храна и ветеринарство најави дека финалните резултати од суперанализата за утврдување на евентуално присуство на листерија ќе бидат објавени по комплетирање на резултатите од лабораториските испитувања, кое е  најавено за утре.

„Во врска со минатонеделните активности поврзани со контролите во месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово, како резултат на известувањето од Министерството за здравство за детектирано присуство на Listeria monocytogenes во производ свински врат земено од малопродажен објект во Гевгелија, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на законските надлежности  зедоа мостри за лабораториско испитување од спорните лотови од производот сечкан свински врат, од работните површини, машините и од сите други места во погонот на оваа компанија, за утврдување на евентуално присуство на листерија“, се вели во соопштението.

До Агенцијата за храна и ветеринарство, досега се пристигнати комплетните резултати од извршените испитувања на мострите во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина, како и дел од резултатите од анализираните мостри  во Институтот за јавно здравје, стои во соопштението.

Дел од порталите во вторникот објавија дека испитувањата покажале дека во погоните на фабриката “Екстра меин“ од Куманово не е пронајдена бактеријата листерија.