Засилен мониторинг на продажните места за месо и јајца врши Агенцијата за храна и ветеринарство пред велигденските празници, изјави денеска директорот Николче Бабовски.
Одговарајќи на новинарски прашања во рамки на форумот на директори на ветеринарните служби од регионот на Западен Балкан што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на АХВ посочи дека од досегашните контроли на инспекторите, немало отстапување од правилникот за храна.
Увозот на храна во државава е контролиран од страна на нашите инспекциски служби и економските оператори, кои се занимаваат со трговија со прехранбени производи на пазарот неможат да постават небезбеден производ. Целосно се контролира узвозот на храна, преку мониторинг програма за секојдневна контрола, изјави Бабовски.
Зголемувањето на цената на прехранбените производи од животинско потекло, посочи дека е поради тројно повисоките цени за храната за животни на светските берзи.
Имаме доволен број на кланици кои можат да ги задоволат и домашните потреби, но имаме и одреден број на кланици кои имаат европско бројче односно може да вршат извоз во земјите во ЕУ. Во моментов се активни четири кланици за колењето на јагнето кое за Велигденските празници се извезува пред се за Италија и Хрватска, додаде Бабовски.

И директорот на Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни прашања на Црна Гора Владимир Џаковиќ тврди дека во неговата земја се интензивираат контролите во однос на квалитетот на храната.
Секоја храна многу се проверува во однос на претходно. На црногорскиот пазар имаше мали нестабилности, односно недостатоци, како што сте сведоци секаде има раст на цените на храната, но штом се појави недостаток, се појавуваат нови пазари и тие производи може да се набават. Интензивно ги контролираме сите нови пазари, од сите држави од кои традиционално не сме увезувале прехранбени производи, така што преку интензивни контроли го отстраниве секој сомнеж храната да е здравствено безбедна, изјави Џаковиќ.
OhridNews












