Со претставата “Ај да си речиме уште една”, на 11- ти февруари, сабота, почнува новата сезона на охридскиот Народен театар.

Оваа претстава наречена селска ѓурултија со ѕенѕање, тропање и скокање, на публиката ќе и понуди несекојдневна забава и уживање. Претставата изобилува со многу комични елементи, со многу стари народни песни познати на пошироката публика кои се изведуваат во живо. Претставата ќе можат да ја гледаат сите гледачи од различна возраст. Оваа претстава, која е авторско дело на режисерот Андреј Цветановски, зборува за творештвото на еден народ кое секогаш претставува богатство што се чува и негува, показ и доказ за цивлизацијата што се развива во еден регион, белег за одликите и навиките на еден народ. Тоа се творби на народот, за народот, усно творештво што се пренесува со генерации. Но тоа творештво е подложно на промени и модификации како и секое усно творештво.

Улогите во претставта ги толкуваат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ, Ивица Цонев, Билјана Билаловиќ и Игор Георгиев.

Од Центарот за култура “Григор Прличев” потенцираат дека и покрај ниските температури се прават напори за соодветно загревање на објектот, особено за време на одржување на претставите. Како што информира директорката Драгана Боцевска, за месец февруари обезбедена е потребната количина нафта, а се очекува информација од надлежното министерство- колкави количини гориво ќе бидат доделени за до крајот на грејната сезона. – Ниските температури влијаеја за одложување на почетокот на новата театарска сезона. Поради високите цени на нафтата и струјата неопходно е што поекономично користење на расположивите количини нафта. Во секој случај за време на претставите објектот ќе се загрева преку целиот ден и се надевам публиката претставата ќе ја проследи во пријатна атмосфера, вели Боцевска.

Почеток на претставата “Ај да си речиме уште една” е во 20 часот. Билетите чија цена изнесува 100 денари ќе бидат нумерирани. 

OhridNews