Охридскиот театар вечерва ќе гостува на сцената на Драмски театар во Скопје, со претставата „Ај да си речиме уште една“ во режија на Андреј Цветановски.

Гостувањето е дел од ревијалниот проект, „Окупирај го Драмски“ со кој на скопската публика ќе и биде понуден избор на најдобрите претстави од изминатиот период на неколку театри од цела Македонија.

Комедијата “Ај да си речиме уште една”, која е авторско дело на режисерот Цветановски, зборува за творештвото на еден народ кое секогаш претставува богатство што се чува и негува, показ и доказ за цивилизацијата што се развива во еден регион, како  и белег за одликите и навиките на еден народ.

Улогите во претставта ги толкуваат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ, Ивица Цонев, Билјана Билаловиќ и Игор Георгиев. Костимите се на Кристина Мукоска-Затуроска, светло Зоран Левески, тон Филип Ангеличин Жура.

Освен охридската претстава, скопската публиката ќе погледне и театарски проекти од Прилеп, Струмица, Велес, Штип, Битола и Куманово.

OhridNews