Она што во последните години се случува со Охрид, неговата континуирана деградација мора да се спречи. Рибниот фонд во езерото е целосно уништен, а забрзаната урбанизација, особено на крајбрежјето целосно го менува изгледот на градот под УНЕСКО. Јас сум разочаран од она што можев да го видам при моите посети на градот кој неизмерно го сакам, вели академик Милан Ѓурчинов, член на македонската академија на науките и уметностите, по потекло охриѓанец.
– Охрид постепено го губи препознатливиот лик и тоа како охриѓанец навистина ме боли. При тоа, научните институции воопшто и не се прашуваат за било каков совет, ниту пак имаат било какво влијание врз чекорите кои се превземаат од страна на надлежните институции, а поради кои дојдовме во ситуација УНЕСКО да се колеба дали Охрид и понатаму ќе се наоѓа на неговата листа на заштитени градови. Сметам дека тоа е голем пропуст, вели академик Ѓурчинов.
Загрижени за она што се случува во и околу Охридското Eзеро, научните работници, академиците од Македонија и Албанија ќе се обидат со заеднички сили да придонесат кон неговата заштита, преку одржување на заедничка конференција. Предвидено е таа да се одржи идната година.











