ОМАЖ ЗА ДИПЛОМАТСКИОТ СОВЕТНИК АХИЛ ТУНТЕ

Кога губите близок пријател, брат, со сите ментални сили се напрегате колку што е можно повеќе да го оживеете, да ги обедините сите спомени што ве поврзувале и натаму ве поврзуваат. Такви чувства ме обзедоа на неочекуваната вест за згаснувањето на животот на мојот близок пријател, дипломатот, државникот, публицистот Ахил Тунте.

Прв пат го слушнав неговиот пробивен глас, кога, како апсолвент на Правниот факултет во Скопје, победи на традиционалната ораторска вечер. Во аулите на Факултетот одекнуваше неговиот вехементен и разборит глас пленејќи ги присутните. За време и по студиите се најде на одговорни позиции во новинарството, како главен уредник на тогаш харзматичниот „Студентски збор“ потоа како главен уредник во Телевизија Скопје.

Во 1974, се вработува во Републичкиот Секретаријата за односи со странство (тогашното министерство за „надворешни работи“), од 1984 до 1988 беше министер – советник во амбасадата на СФРЈ во Софија, а потоа работи во Белград, како советник на сојузниот секретар за надворешни работи. По враќањето од Белград, продолжува неговата дипломатска дејност, за, од 1990 до 1999 година, да биде дипломатски советник на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, функција по која ќе биде најмногу запаметен и ќе даде најголем придонес во освојувањето на македонската независност и нејзиното одржување во критичната, последна декада на XX век.

Ахил Тунтев 1939 – 2020

Животот сакаше мојата мисија како прв амбасадор на Република Македонија во Франција (1994- крајот на 1999 г.), да се совпадне со дејствувањето на Ахил Тунте, како незаменлив дипломатски советник на претседателот Киро Глигоров. Не без причина, во една пригода, големиот советник ќе истакне дека Претседателот беше негов голем учител, со својата хуманост и безусловното разбирање на другиот.

Критичен и ненаметлив, со моќна акрибија, фунционална дискреција, со чувство на стратегиска визија, Ахил Тунте, ќе биде автентичен сведок на клучните средби кои што ги имаше претседателот Глигоров на патот на освојувањето и заштита на македонската независност во клучната декада од крајот на минатиот век . Советникот Тунте остана и клучна меморија на овој период, автентичниот „записничар“ на патот кон независноста, основоположникот на историјата на македонската дипломатија, особено со енциклопедискиот труд „Република Македонија: прва декада 1990 – 1999“, како и други дела, потоа, како редактор на драгоцената и амблемска книга на Претседатлот Глигоров „Македонија е сè што имаме“.

Моќта и искрените заложби на Тунте се кријат во илјадниците драгоцени белешки, особено водени од разговорите на Глигоров, комуникацијата со амбасадите и слично. Ја имав ретката привилегија, како прв амбасадор на Република Франција, при неколкуте посети на Глигоров на Париз, да ја следам одблизу и примерната соработка „на Претседателот со советникот“. Пленеше изградената меѓусебна доверба и соработка.

Се сеќавам на една свечена вечера, која што харзматичниот министер на правда и сенатор, големиот пријател на Македонија, Робер Бадинтер, му ја приреди на Претседателот Киро Глигоров, на 10 февруари 1999 година, по повод неговата државна посета на Франција. На вечерата, бев седнат до дипломатскиот советник Ахил Тунте. Тој никогаш не се одвојуваше од еден мал нотес во кој нешто постојано запишуваше. Така беше и овој пат. Како да чувствуваше дека ќе се случи нешто историско, кога Бадентер стана да ја каже својата здравица. Тунте беше можеби единствениот што ги запиша зборовите на славниот француски државник, меѓу другото и следново:

Мене ми е привилегија што седам до Претседателот Глигоров, кој во исклучително тешки услови ја води земјата со голем талент и убедување. Тој поседува вонредни квалитети кои што го вбројуваат меѓу најголемите водачи на Европа. Тој успеа да го спаси својот народ и да го доведе до сопствена држава. Неговото име ќе остане одбележано во европската историја како големо.

Се сеќавам на еден настан кој ми го пренесе Ахил Тунте, а кој ми иде во присет и во овие моменти, од првите денови, кога Претседателот Глигоров, ќе се врати на работа по стравичниот атентат. Како што ме известуваше Ахил, претседателот речиси редовно ги читал моите дипломатски телеграми од Париз. Така, во тој период, ќе ја чита испратената депеша за починувањето на на Франсоа Митеран, односно за неговото „исчезнување“, според францускиот збор „disparu“и тоа ќе му напарви посебен впечаток.

Се разбира, не се работеше за трансцендентна илузија, туку едноставно размислување за крајот на човековиот живот и натмошното живеење низ остварените дела. Бездруго, замислите и неостварените дела на Глигоров, како и неговиот советник – alter ego и натаму живеат…

Академик, Луан Старова