Министерството за кутура е заинтересирано, најубавите љубовни песни што ги отпеал Аки Рахимовски заедно со голем симфониски оркестар да се најдат и на репертоарот на фестивалот „Охридско лето“. Ова денеска го потврди Аки на прес-конференцијата што се одржа во Ајриш пабот во Охрид, а по повод неговиот вечерашен настап пред охриѓани.

Познатиот пејач  кажа дека се уште се преговара за неговиот настап на „Охридско лето“, со големиот проект насловен како „Аки пее најубави љубовни песни“ во кој се содржани квалитетните песни од „Битлси“ до времето на „Парни ваљак“.

Родениот скопјанец и фронтмен на „Парни ваљак“ деновиве е на турнеја низ Македонија во рамки на која ќе настапи и во Ценарот за кутура „Григор Прличев“.

„Идејата на оваа турнеја е да се оживеат Центрите за култура. Вредностите  кои некогаш се создаваа во тие центри треба да се вратат таму каде што им е местото“, изјави Рахимовски.  Оваа турнеја се одвива во поранешните ју-републики, а во Македонија започна синоќа со концерт во Тетово.

„Она што ме радува е што успевам да ги вратам концертите во терминот и местото каде што се одржувале порано, 20 часот, дом на култура. Би сакал да се вратат  некогашните времиња. Ни треба културната храна и без неа не можеме да одиме напред. Културата се изгуби заради финансиската ситуација и стандардот“ рече познатиот пејач и изрази оптимизам дека таа сепак ќе се врати на местото што го заслужува.

За распаѓањето на групата чиј заштитен знак беше токму тој,  кажа дека по 30-годишна работа, составот одлучил дека е време „Парни ваљак“ да влезе во музејот на големите и сите генерации да го паметат како состав кој направи и остави големо богатство зад себе.

По расформирањето на групата, тој ја продолжи својата соло кариера и минатата година го издаде албумот „Во времето на изгубените“. Пред две години заедно со колегите музичари, меѓу кои и Каролина Гочева, го започна проектот „Со бела песна против дрогата“. Во рамките на овој проект еднаш годишно, на денот за борба против дрогата организира концерт, а собраните средства одат за лекување на зависниците од дрога.

Денеска беше најавено дека и скопјани ќе имаат можност да уживаат во концерот со  најубавите љубовни песни. Аки  Рахимовски изрази надеж дека заедно со македонската фихармонија овие евергрин мелодии ќе ги отпее и на наредното издание на „Охридско лето“.

А.Р.