Жителите од Стариот дел на Охрид и околните населби не можат да изведуваат градежни активности на своите објекти, затоа што ДУП за првата урбана зона, не е усогласен со Законот за заштита на старото градско јадро на Охрид. Општината за тоа имаше рок од една година кој истече во април, а нов план не е изготвен. Причина за тоа според Локалната самоуправа е обемноста на планот, поради што истиот бил проследен до Министерството за транспорт и врски.
-Тој план е обемен и чини многу. Со оглед на тоа дека плановите кај нас, дури и помалите, се носат по две-три години, овој ДУП го ставивме на приоритетната листа за носење и побаравме од Министерството за транспорт да го финансира, бидејќи има средства за таква намена, а ние ќе го донесеме, изјави неодамна градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Од Заводот и Музеј Охрид, кој е надлежен за спроведување на одредбите од Законот за заштита на старото градско јадро, велат дека оправдувањата на Локалната самоуправа не држат, а најмногу штета од недонесувањето на новиот ДУП за централното подрачје, ќе имаат граѓаните. Поради тоа се подготвени да помогнат и без надомест ќе ги изготват заштитно конзерваторските основи за стариот град, но очекуваат својот дел од обврските да ги заврши и Локалната самоуправа.
-Ќе ги изработиме заштитно конзерваторските основи на трошок на нашата институција за што побрзо да биде донесен тој план во интерес на граѓаните, затоа што сега сме соочени со проблем. Ние ќе мора да го почитуваме законот, а плановите кои се на сила не се усогласени со законот, така да од ова штета ќе имаат само граѓаните, кои нема да можат да го реализираат она што стои во постоечките Детални урбанистички планови, изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј Охрид.
Жителите од стариот дел на градот и околните населби со години чекаат да биде донесен ДУП за ова подрачје, без кој сега ќе бидат приморани да ги одложат и најситните интервенции на објектите, во спротивно ризикуваат да бидат казнети за непочитување на Законот за старото заштитено јадро на Охрид, само затоа што надлежните институциите меѓусебно не можат д се усогласат.
Горан Момироски