Директорите на болниците и клиниките ќе бидат разрешени доколку Министерството за здравство утврди дека имаат недостиг од лекови и оперативни материјали и ги принудуваат пациентите да ги купуваат од свој џеб. Ова го предвидува новиот Закон за здравствена заштита, кој ќе треба да стартува наскоро.

Според министерот за здравство Никола Тодоров, со новата мерка клиниките и болниците ќе имаат повеќе пари кои претходно им биле одземани.

-Направивме систем со кој Фондот за здравствено осигурување веднаш ќе го извести Министерството за здравство за кој лек или оперативен материјал ќе рефундира пари. По ова директорот на установата ќе биде опоменет дека за 15 дена треба да го набави лекот. Ако не ја испочитува опомената, ќе следи уште една опомена да објави тендер. Ако се пробие и овој рок, ќе бидат разрешени двајцата менаџери на установата, објаснува  министерот Тодоров.

И пациентот ќе може да пријави дека го принудуваат да купи лек или оперативен материјал, прво кај директорот на установата, но истото ќе може да го направи и на ,,Белиот телефон’’ на Министерството за здравство.

Инаку Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија годишно исплаќа околу 2,4 милиони евра на име рефундација на парите за купени лекови и материјали. Најмногу пари се исплаќаат за купени колкови на Ортопедија, и тоа околу еден милион евра, потоа за материјали кои се вградувале во градската општа болница „8 Септември“ и на Очната клиника.

OhridNews