„V Day“ е глобално движење за запирање на насилството врз жени и девојки. Промовира креативни настани за подигање на јавната свест, за собирање финансиски средства и кревање на моралот на организациите кои се борат против овој вид насилство. Преку разните кампањи на „V Day“ волонтери и студенти на универзитети во светот продуцираат годишни изведби на претставата „Вагинални Монолози“, презентираат документарни филмови на оваа тема, прават работилници за едукација и кампањи за собирање средства за помагање на жртви на насилство во нивните заедници.
Меѓу огромниот број активисти од сите страни на светот, се и три македонки: Сандра Костадинова, Александра Симоска и Гордана Жура. Тие минатата година беа на студиски престој во САД, каде активно биле вклучени во волонтерски активности на „V Day“. Со дозвола од главното седиште на „V Day“ во САД, тие во Македонија ќе организираат слични настани. Активностите ќе ги започнат од Охрид, каде утре ќе се одржи работилницата за едукација на девојки од локалната заедница, а понатаму ќе бидат реализирани уште две работилници во Штип и Скопје. Од февруари ќе почнат кампањи за собирање средства, а како финална активност ќе се одржи аматерска претстава „Вагинални Монолози“.
Целта на работилницата во Охрид, што ќе се одржи утре во просториите на Црвениот крст, е македонските активисти на „V Day“ да ги пренесат своите искуства и да поттикнат поширока општествена активност за заштита на жената.