Активистите на „Анималиа“ деновиве спроведуваат акција за спас на повреден лебед, кој во изминатите неколку денови го пронашле наши сограѓани и привремено го сместиле во ресторанот кај манастирскиот комплекс „Св. Наум“.

Волонтерите на локалното Здружение за заштита, помош и вдомување на животни, во текот на вчерашниот ден стапија во контакт со претставници на неколку надлежни служби, со цел да му се помогне на овој црвеноклун лебед, кој е препознатлив симбол на целото крајбрежје.

Се обративме до општината, до Министерството за животна средина, до Ветеринарниот инспекторат и локалните ветеринари, до Ветеринарниот факултет во Скопје и наши партнери здруженија за заштита на животните. Секој од нив даде свој придонес и пројавија загриженост, за што им сме благодарни.“ – вели Климент Арнаудов од локалното Здружение за заштита помош и вдомување на животни, „Анималиа“ Охрид.

Две решенија за спас на лебедот

Како што вели Арнаудов, една од опциите е лебедот да биде однесен во Ветеринарниот факултет во Скопје, додека другата да биде привремено згрижен во Зоолошката градина во Битола.

Да се носи во Скопје во Ветеринарниот факултет за да се прегледа, снима и истретира и да се смести кај љубител на животни кој има услови, со цел да не се прави пак патување за контроли. Друго решение е да се однесе во Зоолошката градина во Битола, каде ќе се лечи и привремено згрижи, а потоа, со оглед на тоа што како Здружение строго сме против зоолошките градини, на наше инсистирање да се врати пак во езерото. Тука се јавува и трета солуција, да ние помогнат од Здружението за птици, но се уште чекаме одговор од нив.“ – потенцира Арнаудов.

Потребен е превоз!

Од „Анималиа“ бараат хуманите граѓани да им излезат во пресрет и да им помогнат околу изнаоѓањето превоз за транспорт на лебедот.

Доколку некој има поголем кафез или налик на нешто така,  може истиот да ни го позајми за да можеме да го сместиме лебедчето за транспорт. Исто така, со оглед на нашата слаба финансиска состојба и што немаме сопствено возило, замолуваме некој да се нафати и заедно со нашите активисти, да ни излезе во пресрет за превоз. Ајде да го спасиме лебедчето. Сметаме на ваша помош и подршка.“ – велат од „Анималиа“.

Предлог Одлука за решавање на проблемот со бездомните животни

Во изминатиот период, „Анималиа“ до општина Охрид и Одделението за комунални дејности, достави предлог Програма и предлог Одлука за решавање на проблемот со бездомните животни.

Заедно со партнерите во коалицијата „Заедно за зивотните, заедно за граѓаните“, со месеци работевме на изготвување на истите, па се надеваме на позитивен одговор. Затоа што тоа е единствениот хуман и законски прифатлив начин за решавање на проблемот. Старите пракси со труење и дислоцирање на кучињата на депонијата Буково се покажаа неефикасни, неетични и крајно противзаконски.“ – истакннуваат од „Анималиа“.

O.T.