Неформалната граѓанска иницијатива „Чист Охрид“ викендов реализираше уште една акција за чистење на локации низ градот Охрид. Овојпат се чистеше зелената површина на пресекот на улиците „Ѓорче Петров“ и „Даме Груев“.

На втората по ред акција на групата младите ентузијасти беа собрани 12 големи вреќи со најразличен отпад, во кој имаше многубројни пластични кеси, шишиња и пакувања за различни видови храна, парчиња синтелон, како и пегла за алишта. Можеше да се види дека отпадот намерно бил фрлан длабоко во грмушките на зелената површина.

Локалните жители пристапија кон активистите на позитивен начин, со одобрување и поттик, при што понудија освежување и услови за одржување на личната хигиена по акцијата, што секако е за поздрав. По чистењето на означената локација, волонтерите со собраниот отпад се упатија кон најблиските контејнери, при што беа исчистени и две други, помали локации со сличен отпад.

Ваквите акции ќе продолжат наредниот викенд на нова локација. 

-Преку директна акција, можат да се постигнат резултати, затоа што е ослободена од бирократски процеси, од барање на дозвола и ослободена од очекувања дека друг ќе се бори наместо нас. – порачаа активистите од „Чист Охрид.

Волонтерите упатија благодарност до фирмата „Гумно“ која им донирала специјални ракавици за многукратна употреба со што значително ја олесни работата на активистите на „Чист Охрид“. 

OhridNews