По трагичниот викенд во кој во две одделни сообраќајни несреќи загина 24- годишен моторциклист од Охрид, а две други момчиња од Велгошти  беа сериозно  повредени, Охридската полиција почна засилени контроли на повеќе пунктови во градот со цел превентивно да влијае на учесниците во сообраќајот, пред се на моторциклистите.


Мотоциклистите кои не носеа заштитни шлемови беа опоменувани на последиците од таквата нивна постапка и санкциите кои следат за непочитување на законските одредби. Но имаше и такви кои го почитуваат законот.


Кацигата е за наша заштита вели овој моторциклист

Статистичките податоци говорат дека  бројот на сообраќајни несреќи во 2008 година споредбено со минатата година во Охрид е намален, но постои одредена категорија учесници во сообраќајот, пред се тоа се моторциклистите кои не ги почитуваат законските прописи и не носат заштитни шлемови“, изјави за Ohridnews, портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.


Одредена категорија возачи не ги почитува правилата – Стефан Димоски СВР Охрид

Казната за неносење заштитен шлем е 35 евра, но многу побитно од санкционирањето е младите моторциклисти да сфатат дека заштитниот шлем спасува живот велат членовите на мото клубот „Мото Охрид“. Според нив невнимателноста и непочитувањето на сообраќајните правила е најголема причина за несреќите во кои страдаат моторциклистите….Најмногу тоа е изразено во април и мај кога и започнува сезоната на возење мотори.Возачите на автомобили некако ненавикнати на моторциклите не ги приметуваат едноставно и невнимателно се однесуваат кон нив. Но, има и голем број моторциклисти кои возат без положен соодветен испит и не ги почитуваат правилата. Законот мора да се почитува, особено одредбата за носење заштитен шлем. Тоа е не никаков имиџ туку е за наша сигурност и мора да се носи заштитен шлем“, вели Људмил Цветаноски член на МК „Мото Охрид“.


Заштитниот шлем спасува живот – Људмил Цветаноски -Мото Охрид

Од локалната самоуправа се загрижени од се позачестените несреќи во кои жртви се мотоциклисти. Зоран Шикалески, советник за сообраќај на градоначалникот смета  дека проблемот е во законскта регулатива која дозволува со моторцикл да се  управува со навршени само 14 години и положен теоретски тест без никакво практично искуство. „Потребно е под итно да се измени законската регулатива и границата за добивање дозвола за управување со моторцикл да се подигне од 14 на 16 години и задолжително да се воведе полагање практичен испит“, вели Шикалески.


Потребна е измена во законот- Зоран Шикалески

Бројот на мотоцикли во Охрид во последните неколку години тројно е зголемен. Најмногу тие се возат во летниот период токму за време на туристичкиот шпиц кога двојно се зголемува и бројот на автомобилите во Охрид. Од охридската полиција најавија дека ќе ја зголемат контролата на сообраќајот до 31 август и дека превентивно ќе делуваат, но предупредуваат дека нивната акција ќе биде неуспешна доколку мотоцикли не ги почитуваат правилата и не носат заштитни шлемови.

Ohridnews