Охрид викендов е домаќин на средбите на акцијашите во Република Македонија. Организатор на настанот е Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, а учествуваат над 200 бригадири од 32 градови од целиот Балкан.
– Голем дел од нашите пријатели се веќе тука. Нашата основна цел е тие да се потсетат на брегот на својата младост, но и на местата кои ги градеа со несебичен ентузијазам, како водоводот Метропол – Охрид, патот Охрид – Ресен, ископувањето на Амфитеатарот во Охрид, но и работите изведени на многу други места низ Македонија, но и многу подалеку. Тука секако треба да се спомнат автопатот Братство-Единство, Стрежево, Мариово, Скопје, Попова Шапка, Плачковица, сите објекти во кои бригадирите вложија дел од себе и нераскинливо се поврзаа со Охрид и Република Македонија, вели претседателот на „Брег на младоста“ Зоран Стевоски.
Тој додава дека идејата е, од Охрид, пламенот на акцијаштвото да се прошири низ цела Македонија и пошироко.
– Во Охрид повторно ќе започне бајката „Брег на младоста“, бајка која се одвиваше во далечната 1984 и 1985 година. Учесниците ќе дојдат да се дружат, да се забавуваат но и да работат, истакна Стевоски.