Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “Злоупотреба на службена положба и овластување“, поднесена е кривична пријава против две лица од Скопје , а со пријавата опфатени се и уште едно лице од селото Трапчин Дол за кривични дела “Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Пустошење на шума“ како и еден правен субјект.

На први април минатата година, пријавениот во Скопје, во својство на советник во Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја злоупотребил својата службена положба со пречекорување на границите на своите овластувања. Тој спротивно на Законот за шуми задолжил правно лице од Скопје каде управител била една од пријавените со еден кочан со испратници за испорака, дотур и  транспорт на огревни дрва без да се увери дека фирмата не е запишана во Регистарот за правни лица кои вршат промет на дрво и дрвни сортименти што се води во надлежното министерство. На тој начин пријавениот на наведената фирма и овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 415.250 денари.

Истата постапка, пријавениот ја извршил и на први септември минатата година но овојпат со друг правен субјект, кога спротивно на Законот за шуми го задолжил правното лице со два кочани со испратници  за испорака, дотур и  транспорт на огревни дрва без да се увери дека фирмата не е запишана во Регистарот за правни лица кои вршат промет на дрво и дрвни сортименти што се води во надлежното министерство. Со тоа на наведената фирма и овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 423.000 денари.

Кон крајот на септември минатата година, второпријавената како управител во правно лице  ја искористила службената положба со пречекорување на своите овластувања. Таа изготвила шест фиктивни испратници  во кои внесла лажни податоци за испорака на вкупно 200 метри просторни  огревни дрва од една до друга фирма од селото Трапчин Дол-кичевско. Тоа го направила иако знаеле дека дрвата воопшто не биле испорачани, а потоа ги заверила со свој потпис и со службен печат. Со оваа нелегална постапка, пријавената на фирмата и овозможила да ги легализира бесправно посечените 200 метри просторни  огревни дрва и да се стекне со противправна имотна корист.

Третопријавениот со намера да се стекне со противправна имотна  корист со присвојување на туѓи подвижни предмети, спротивно на пропис од надлежен орган извршил пустошење на шумите на локацијата „Тајмишка Шума“. Тој, од шуми во државна сопственост бесправно  пресекол 200 метри просторни дабови и букови огревни дрва, а потоа ја злоупотребил службената положба на управител  во правно лице и сторил пречекорување на своите овластувања на начин што за бесправно посечените огревни дрва изготвил шеснаесет фиктивни испратници кои ги заверил со свој потпис и со службен печат. Со цел да го сокрие нивното потекло, нежигосани ги транспортирал до купувачот ЈП „Комуналец“-Кичево, со кого претходно имале склучен писмен договор за јавна набавка на огревно дрво и на тој начин се стекнал со имотна корист во вкупен износ од 423.000 денари. На посочената локација, државен инспектор за шумарство и ловство извршил теренски увид за што бил изготвен записник за констатирана состојба.

OhridNews