Прометот на легалните автопревозници од почетокот на акцијата на Државниот инспекторат за сузбивање на нелегалната конкуренција во сообраќајот се зголемил за 40 до 60 проценти, информираат од Здружението на превозници во патничкиот сообраќај „Исток“.

– Не е тешко да се согледа каква загуба трпевме ние превозниците години наназад. Тоа е неевидентиран промет, така што се работи и за загуби на државата на име неплатен данок, изјави Димитар Василевски, раководител на секторот за патнички сообраќај во АД „Галеб“ Охрид и член на Координативното тело на Здружението на превозници во патничкиот сообраќај „Исток“.

Во име на здружението, Василески искажа благодарност до Министерството за транспорт и врски, надлежниот инспекторат и другите одговорни институции за преземената акција, која како што посочи, индиректно ќе им помогне и на граѓаните оттаму што само на тој начин превозниците ќе можат да се справат со шокот предизвикан од растот на цената на нафата.

Тој истакна дека и во Охрид има сериозен проблем со нелојалната конкуренција, особено на линијата Охрид – Струга и меѓуградската линија кон Прилеп и Битола.

-Се надеваме дека акцијата ќе продолжи и натаму со несмален интензитет и дека согласно законот ќе се воведе ред во сферата на автопревозот, додаде Василески.

Здружението „Исток“ обединува  80 најголеми компании што се занимават со превоз на патници во Македонија.

OhridNews