По осми пат, денес, во организација на општинскиот Црвен крст се одржа хуманитарната и спортско-рекреативна акција „ За посреќно детство“, на која младите охриѓани имаа можност своите спортски вештини и способности да ги презентираат преку натпреварување во бројни спортски дисциплини и културно-забавни содржини.

Манифестацијата започна со трка, а продолжи со спортски активности и забавни содржини кои се одржуваа на и околу градскиот плоштад. На манифестацијата учество зедоа младите охриѓани кои претходно купија учеснички броеви кои чинеа симболични 30 денари.

И оваа година има голем одзив на манифестацијата, но тоа нас не не чуди затоа што секоја година имаме голема поддршка од сите. Пораката која сакаме да ја пренесеме е да влијаеме врз подигнување на јавната свест кај најмладите и тинејџерите- дека преку спортот може да се забавуваат, да се здрави и да бидат хумани, бидејќи со купување на учесничкиот број тие станале хумани, им помогнале на други деца на кои им е потребна помош, а истовремено учествуваат и во наградната игра, вели Мимоза Ставрева од општинскиот Црвен крст.

Традиционален партнер на акцијата „ За посреќно детство“ е комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Извлекување на наградите со учесничките броеви ќе биде на 24 октомври во 18 часот на телевизија ТВМ. Меѓу 50- те награди се и наградите- седумдневно зимување на Златибор, престој во Крагуевац, викенд во Крушево.

OhridNews