Со трка која во 11 часот ќе стартува на плоштадот кај стариот чинар, утре, сабота, ќе започне традиционалната хуманитарна спортско- рекреативна акција „ За посреќно детство“. Акцијата ќе се одржи на повеќе локации во центарот на градот: платото пред Центарот за култура, на терасата од комплекот Летница , паркот пред дирекцијата на „ Охридско лето“ и градскиот плоштад .

Целта на оваа акција е промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно активно учество во различни спортско- рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај граѓаните за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени потешкотии. Средствата собрани од акцијата со продажба на учеснички броеви и со обезбедување на прилози од спонзори и донатори ќе бидат наменети за набавка на соодветни производи со кои ќе им се помогне на деца од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца.

Секој што ќе купи учеснички број за акцијата, кој чини 30 денари, може да се натпреварува во повеќе спортски дисциплини- шах, пикадо, мал фудбал, одбојка, баскет.. Купениот број ќе учествува во големата наградна игра со преку 50 вредни награди, меѓу кои и седум дневно зимување на Златибор.

Во рамки на акцијата која општинскиот Црвен крст ја организира во соработка со локалната самоуправа ќе се одржи и голема крводарителска акција. Традиционален партнер на акцијата „ За посреќно детство“ е комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни стоматолошки прегледи за посетителите и учесниците во оваа акција.