Деталниот урбанистички план за струшкото крајбрежје да биде поништен во целост, да се покрене иницијатива за поништување на одлуката за доделување на плажите под концесија и да се изврши обештетување на концесионерите кои работеле согласно закон и правила за концесија, ова се трите предлози на Здружението за развој и активизам „Аква“- Струга.

Оттаму потенцираат дека уништувањето на струшкото крајбрежје почнало уште од 2005 година и е последица на однесувањето на општина Струга.

Познато ни е дека градоначалникот веќе подолго време со своите постапки ги нарушува општинските интереси, но на тоа однесување се приклучи и Министерството за транспорт и врски. Со измена на неколку законски одредби, направени во 2009 година, Министерството го превзеде уредувањето на крајбрежјето и отпочна процес на доделување на плажи под концесија. После години надмудрување помеѓу општината и министерството, во 2011 година градежното неизграденото земјиште потпадна под општинска надлежност во кое се најде и крајбрежјето, но сега како градежно земјиште, велат од здружението „Аква“.

Тие нагласуваат дека сега наместо концесија на плажи со привремени монтажни шанкови, крајбрежје се доделува на приватни лица на полутрајна сопственост, на чиј што имот има дивоградби од цврста градба од 100 до 500м2 површина и тоа на 10 до 30 метри од линија на брегот на езерото.

Од „Аква“ сметаат дека вратата за вакви предлози на детални урбанистички планови (ДУП) ја отвори Министерството, додека општинската администрација само ги искористила можностите за трговија на општинското и национално богатство кои се отвориле по трансферот на надлежностите.

Како што нагласуваат од здружението, подготовката на ДУП за крајбрежјето е отпочната уште од мај-јуни 2011 и за истата се потрошени најмалку 600.000 денари.

Постапката се до моментот на одлучувањето во Совет на општина Струга е спроведена на нетранспарентен начин и истата не е поткрепена со Програма во која би се навело основано образложение за потребата од ваков ДУП, со вклучени очекувани резултати од Програмата. Сето ова, поттикнува основан сомнеж дека целта на предложениот Детален урбанистички план за крејбрежјето е да се задоволат интересите на поединци за добивање имот на крајбрежје,да се уништи крајбрежјето како дел од еко-системот на Охридското езеро, да се задушат и на крај уништат дел од спортските друштва и да се демотивираат во својата работа постоечките туристички капацитети кои работат на граница на одржливост, велат од „Аква“- Струга.

OhridNews