Случајот од пред десетина дена кога во руинирана куќа близина на основно училиште беа затекнати неколку ученички во друштво на наркозависници, ги крена на нозе надлежните. Деновиве Комисијата за општествени  дејности при Советот на општината одржа состанок со директорите на основните училишта во општината, педагошко-психолошките служби, претставници од Центарот  за социјални работи, од СВР Охрид, претставници од ОБСЕ и градоначалникот Александар Петрески.

На состанокот, како што информираше претседателот на комисијата, Јоне Станкоски, била разгледана актуелната состојба во основните училишта. Со цел надминување на негативните појави донесени се предлог мерки со конкретни рокови на спроведување:

–    Да се обезбедат средства од буџетот на општината  и да се побараат средства од Агенцијата за спорт и млади за органзиирање на училишна лига во мал фудбал и кошарка

–    Да се обезбеди 24 часовна чуварка служба во основните и средните училишта

–    Да се заврши оградувањето на основните училишта заклучно со 1 септември 2010 година

–    Локалната самоуправа до 1 септември да обезбеди видео надзор во училиштата каде се уште нема

–    Министерството за внатрешни работи да обезбеди 24 часовно присуство во и околу училиштата

–    Да се интензивира соработката на училиштата со Центарот за социјални работи и СВР Охрид

–    Локалната самоуправа во најкус можен рок да изнајде начин за отстранување на руинираната куќа во Горна Влашка маала и околните руинирани објекти за што е поднесена иницијатива од граѓаните и тој простор партерно да се уреди и урбанизира

–    Да се реши проблемот со мостот на ул. „Питу Гули“. Истиот или да биде ставен во функција или да биде дислоциран

–    Да се свика итна седница на Советот за превенција

Заклучоците ќе бидат доставени до Советот на општината, Центарот за социјални рабори, МВР и Агенцијата за спорт и млади на РМ.

OhridNews