Во Македонија десет пати се поголеми шансите да се загуби живот во сообраќајна несреќа отколку во убиство. Непочитување на правилата, возење под дејство на алкохол, сообраќајна некултура и неможност односно незнаење да се процени ситуација, се само дел од проблемите. Најновиот трагичен случај во Скопје кога неискусен возач со моќно возило гази момче на пешачки премин, ја зголеми дебатата “за и против” високите казни наметнати од МВР. Но, дали сета вина е на возачите, односно учесниците во сообраќајот? Што е со (не)квалитетот на нашите патишта? Со застарените возила? Во Македонија со 350.000 возила во 2013 дури 196 лица го загубиле животот. Во Шведска, која има 7 милиони возила само 245. Во текстов кој е преземен од The Economist следи објаснување.

ЗОШТО ШВЕДСКА ИМА ТОЛКУ МАЛКУ ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ?

Минатата година 264 луѓе го загубиле животот во сообраќајни несреќи во Шведска. И покрај фактот дека бројот на возила се удвоил од 1970 до денес, бројот на смртни случаи на патиштата се намалил за четири петтини во истиот период. Во Шведска, само три лица на секои 100.000 го губат животот на патиштата секоја година споредено со 5.5/100.000 во ЕУ, 11.4/100.000 во Америка и 40/100.00 во Доминиканска Република, земја со највисока стапка на смртност на патиштата. Шведските патишта постанаа најсигурни. Толку сигурни што бројни држави и градови (како Њујорк на пр) сега се трудат да го пресликаат овој успех. Како и` успеа ова на Шведска?

Бројот на жртви во сообраќајот во богатите држави го достигна максимумот во средина на седумдесеттите години од дваесеттиот век. Оттогаш наваму тие успеаја да го намалат бројот на сообраќајни несреќи. (Спротивно, кај сиромашните земји бројката на смртност пораснала, како што се зголемувал и бројот на возила) . Во 1997, шведскиот парламент донесе закон наречен “Vision Zero plan” со намера смртните случаи на патиштата да се сведат на нула. “Едноставно не можеме да прифатиме да има загинати и повредени на нашите патишта” – изјави Ханс Берг од шведската агенција за национален транспорт. Швеѓаните веруваат, а сега и го докажуваат тоа, дека може да имаат и мобилност и сигурност во исто време.

Во самиот процес на намалување на несреќите најважно било планирањето. Патиштата во Шведска се подредени на сигурноста, а помалку на брзината. Знаци за минимална брзина низ населени места, посебни пешачки зони и граничници кои ги одвојуваат автомобилите од велосипедистите, 1500 км таканаречени “2+1” патишта со три ленти на кои наизменично може да се користи средната лента за претекнување, 12.000 безбедносни премини, пешачки мостови, пешачки премини со рефлектирачка боја а дополнително заштитени со “лежечки полицајци”. Згора на тоа, зголемените контроли придонесоа само 0.25% од тестираните возачи да бидат на дозволениот лимит за алкохол. Смртноста на деца во сообраќајот е драстично намалена, само едно дете загинало во 2012. За споредна 58 загинале во 1970.

Дали ваков “утописки” план е остварлив? Дали е можно да се дојде до “нулта точка т.е. патишта без жртви? Оние кои работат на планот, сметаат дека тоа е возможно. Бројот на жртви во сообраќајни несреќи од 2000г. до денес.е преполовен. Следен чекор е дополнително намалување на човечкиот фактор, односно сведување возачки грешки на минимум како на пр автомобили со вграден алко-тест (ако е возачот пијан, апаратот го анализира неговиот здив и автомобилот нема да стартува н.з.). Цел сет на нови сигурносни системи како на пример предупредувања за прекумерна брзина, за неврзани појаси и слично се дел од планот. Врв на се` би било автомобили без возачи. Ова и не е така чудно како што звучи. Познатиот производител на автомобили, Волво, во градот Гетеборг ќе започне пилот-програма за автомобили без возачи во соработка со министерството за транспорт. Без нестабилните возачи, можеби автомобилите конечно ќе постанат најсигурен вид транспорт.

Спаско Костоски