Вкупно 14 малолетни лица во текот на минатата година биле осудени од страна на Судот за вршење на различни кривични дела на територијата на општина Охрид. Овој податок го објави Државниот завод за статистика во рамки на публикација „Сторители на кривични дела во 2013 година“. Споредено со претходните статистички извештаи, лани биле осудени 13 малолетници повеќе од 2012 година, кога за извршување на криминално дело било осудено само едно малолетно лице во Охрид.

Според видот на кривичните дела, вкупно 11 од малолетниците кои биле осудени во текот на изминатата година, извршиле кривични дела поврзани со загрозување на имотот. Еден малолетник бил осуден за кривично дело поврзано со загрозување на животот и телото, а тројца малолетници биле осудени за извршување на останати кривични дела. Во истата публикација може да се најде податок дека во текот на минатата година како осомничени за вршење на кривични дела на подрачјето на Охрид, кај надлежните биле пријавени двајца малолетници.

Стручните лица од областа на психологијата сметаат дека порастот на бројот на малолетни деликвенти кои извршуваат кривични дела во Охрид се должи на лошите социо-економски услови во државата.

-Тука пред се е безработицата кое е основна причина за голем број семејства да живеат на работ на егзистенција. Најчесто вршителите на деликвентни дела поврзани со кражби растеле и живеат во крајно неповолни материјални услови, каде родителите најчето се невработени, а децата за да се стекнат со нешто што го немаат во својот дом или да обезбедат парични средства посегнуваат по туѓиот имот, велат училишните психолози од Охрид со кои поразговаравме на ова тема.

Според нив освен материјалните неприлики, за малолетничката деликвенција придонесува и современиот начин на живот и домашното воспитување.

-Најчесто малолетните деликвенти произлегуваат од семејства каде што има несогласувања помеѓу родителите, каде што има семејно насилство или веќе евидентирано деликвентно однесување на родителите. Сето ова придонесува детето да нема развиени морални и етички вредности што е основна предиспозиција за вршење на различни кривични дела, потенцираат психолозите.

Освен пораст на малолетничката деликвенција, публикацијата „Сторители на кривични дела во 2013 година“ покажува и пораст на деликвенцијата кај полнолетните лица на подрачјето на Охрид. Според табеларниот приказ, во текот на минатата година, за сторени кривични дела во охридско, било обвинето 551 лице, што е за 77 повеќе од 2012 година кога биле евидентирани вкупно 474 обвинети лица.

Исто така статистичките извештаи покажуваат и пораст на бројот на осудени полнолетни лица кои сториле криминални дела во Охрид. Од оваа категорија, во 2013 година се евиденирани 347 осудени лица, што е за 26 лица повеќе од 2012 година кога бил евидентиран 321 осуденик.

Од лицата кои биле осудени во 2013 година вкупно 119 добиле затворски казни, додека пак 85 лица биле осудени на парични казни. Вкупно 6 лица добиле забрана за управување со моторно возило, а 7 лица поради тоа што биле странци биле осудени на казна протерување од државата.  На вкупно 130 лица од оние кои биле осудени лани, им биле изречени алтрнативни казнени мерки, односно 108 биле осудени на условна затворска казна, 12 на условна парична казна, а на 10 лица им била изречена судска опомена.

Е.М