Алармантни податоци на Државниот завод за статистика околу бројот на охриѓани кои во потрага по подобар живот се одлучиле да го напуштат родниот град.
Според објавената Публикација за миграција од 2013 на Државниот завод за статистика, во текот на 2012 година, од „Бисерот на Балканот“ се отселиле вкупно 1296 охриѓани, од кои 983 во странство, а останатите во најголем број за место на живеење го избрале главниот град на земјава. 1069 лица од Охрид се отселиле во 2011 година, додека пак во 2010 и 2009 Охрид го напуштиле вкупно 1478 лица.
Ваквите податоци само го потврдуваат она што е се поочигледно и актуелно за охриѓани, но и за посетителите вон туристичката сезона кои се сведоци на празните градски улици, дека најубавиот град во регионот полека ги губи своите жители.
– Не е потребна официјална статистика, на секој чекор може да се забележи дека градот за жал замира. Се затвораат голем број фирми, продавниците едвај заработуваат за да го поминат месецот, младите во најголем број по завршувањето на студиите остануваат во Скопје каде полесно се наоѓа работа. Но, во странство заминуваат и повозрасните охриѓани, семејни луѓе кои едвај егзистираат. Се снаоѓаат, набавуваат бугарски пасош, бидејќи на тој начин легално можат да најдат работа во некоја од земјите во странство, вели сопственик на продавница во охридската чаршија.
Центарот на Охрид вон сезона
Фактот дека се поголем број семејства го напуштаат градот заедно со своите деца го потврдуваат и од охридските училишта.
– Има ученици кои се отпишуваат од училиште поради заминување во странство. Во последните две години во просек од нашето училиште се отпишале над 30 ученици, од кои околу 18 годишно поради заминување во странство, вели Тони Симоноски, директор на основното училиште „ Христо Узунов“.
Од приватните училишта за изучување странски јазици информираат дека од година во година во пораст е бројот на групи со возрасни лица кои се заинтересирани за изучување на германскиот и англискиот јазик.
– Од нашите контакти со сограѓаните кои се запишуваат, дознаваме дека завршувањето на основниот степен на познавање на јазик им е потребно за да можат да се вработаат во странските земји. Голем број од нив се медицински лица кои или немаат работа во градот или пак се иселуваат надевајќи се дека за истото работно место ќе земаат повисока плата и ќе можат без проблем да го издржуваат своето семејство. Има и граѓани кои со години се без работа па на тој начин мора да го бараат излезот од тешката економска состојба во која се затекнале, велат сопственици на приватни училишта за изучување јазици.
Како излез од незавидната економска состојба во која се наоѓаат голем број охриѓани од локалната самоуправа најавуваат мерки за отворање на нови работни места, меѓу кои е и проектот за изградба на индустриска развојна зона. Дали предвидените мерки на локалната самоуправа и владата ќе успеат да го запрат забрзаното иселување на охриѓани останува времето да покаже.
Т.Кувенџиска













